1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекордна невработеност на младите во Македонија

18 мај 2010

Македонија да ги примени сите можни инструменти за намалување на невработеноста. Ова е пораката од денешната дебата во организација на фондацијата Фридрих Еберт и Европската бизнис асоцијација, што се одржа во Скопје.

https://p.dw.com/p/NR1N
Седиштето на фондацијата Фридрих ЕбертФотографија: picture-alliance/ ZB

Македонија е на дното од Европа по бројот на невработени и апсолутен рекордер во бројот на млади кои бараат работа во земјата. Последните податоци покажуваат дека невработеноста кај најработоспособниот дел од населението изнесува повеќе од 50%, што е секако загрижувачки податок. Евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере предупреди дека станува збор за голем проблем за кој е потребно итно решение: „Невработеноста е многу голема и треба да најдеме пат да се обезбедат повеќе работни места за младите. Тоа ќе биде постигнато ако во тој процес се вклучат владата, цивилното општество и бизнис заедницата. За да се постигнат посакувани резултати потребна е едукација на младите, како и нивно поактивно анимирање особено во развојот на малите и средни претпријатија. Затоа ја охрабруваме владата повеќе да се фокусира на тоа, а не да ги намалува буџетот за оваа намена, што е случај за 2010 година. Тоа за жал е грешка и мислам дека тој фонд треба да се зголеми“, вели Фуере.

Ervan Fuere
Амбасадорот Ерван ФуереФотографија: DW

Потребен е поголем ангажман

Првиот човек на Европската бизнис асоцијација во Македонија, Димитар Ристовски вели дека бизнис заедницата вложува напори, но сепак смета дека е потребен поголем ангажман од сите фактори. Тоа според него се однесува пред се’ на образовниот систем кој треба да продуцира кадри кои што веднаш ќе одговорат на потребите на заедницата, смета Ристовски.

in der Agentur für Arbeit in Leipzig
Во биро за вработувањеФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

За разлика од Македонија, соседна Србија, која исто така има проблеми со невработеноста, ова прашање се обидува да го реши со проекти за поддршка на младите луѓе и самовработувањето, како и поттикнување на претприемништвото. Небојша Симиќ од Бизнис старт-ап центарот во Крагуевац објаснува: „Самовработувањето го сметаме за многу важен метод и затоа ги поттикнуваме младите да почнат свој бизнис. За таа цел располагаме со гаранциски фонд од половина милион евра за доделување кредити на младите луѓе почетници.“

Инаку според последните податоци во Македонија невработени се околу 298 илјади луѓе, или 31,6% од работоспособното население.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска