1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекордно ниски камати

Ралф Сина17 декември 2008

Во борбата против рецесијата, Американската централна банка реши да ја намали основната каматна стапка. Таа сега се движи меѓу 0,25% и 0%. Причина за ваквите мерки е влошената американска економија.

https://p.dw.com/p/GHgz
Основната каматна стапка во САД и до 0%Фотографија: AP/DW

Централната банка на САД ја намали основната каматна стапка на рекордно ниско ниво. Наместо досегашните еден отсто, таа во иднина ќе се движи од нула до 0,25 проценти. Практично, американските финансиски институти, за нула камата можат да земат кредити од Централната банка. Овој радикален чекор со намалување на каматната стапка беше очекуван во браншата. Истовремено, американската централна банка избегна да ја дефинира основната каматна стапка со „нула процент“. Шефот на Централната банка, Бен Бернанке, сака да го избегне впечатокот дека целосно го исцрпил неговиот финансиско-политички инструмент. Ваквото дефинирање на каматите сугерира дека Централната банка има простор за дејствување.

Американската економија се влошува

Објаснувањето за ваквиот потег на банката гласи - во борбата против рецесијата мора да се искористат сите средства. Од недела во недела, во САД се намалува продажбата, инвестициите и производството. Исто така, постојано се влошува ситуацијата на пазарот за труд. Само во ноември 533.000 луѓе останаа без работа. Достигната е највисоката бројка на невработеност во последниве 26 години. Не внесуваат светлина ниту прогнозите за следната година. „Ни снемува од традиционалното ’оружје’ што се користи во борбата против рецесија“, рече идниот американски претседател Барак Обама, зборувајќи за постојаното намалување на каматите.

Ben Bernanke
Бен БернанкеФотографија: AP

Берзите реагираа позитивно

Централната банка тврди дека и покрај ова останува важен играч на финансискиот пазар. Тие планираат во следните месеци да купат таканаречени „хипотекарни хартии од вредност“, со цел да се подобри ситуацијата на хипотекарниот пазар и пазарот за недвижности. Според информациите на „Волстрит журнал“, за првпат во речиси стогодишната историја, Централната банка на САД процени дека треба да даде позајмици, со цел да си обезбеди дополнителна сума пари и со тоа да ги спаси американските фирми од пропаст. Идниот американски претседател Обама констатираше дека економската ситуација е многу влошена и најави нова конјунктурна програма. Сепак, има зрак на надеж: американските берзи реагираа позитивно на радикалното намалување на каматите.