1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ренци треба да ја формира новата италијанска влада

АТ/ афп/ дпа17 февруари 2014

Матео Ренци, 39-годишниот претседател на Демократската партија во Италија и ривал на досегашниот премиер Енрико Лета, ќе ја формира нова влада на Италија.

https://p.dw.com/p/1BALw
Фотографија: Getty Images

Досегашниот градоначаник на Фиренца Матео Ренци доби налог за формирање на новата влада на Италија. Претседателот Џорџо Наполитано му го предаде мандатот на претседателот на Демократската партија, соопшти кабинетот на претседателот во Рим.

Наполитано претходно во консултација со партиите ги разгледуваше шансите за нова влада под раководство на Ренци. Со своите 39 години тој ќе биде најмладиот италијански премиер на сите времиња. За тоа мора да обезбеди и мнозинство во парламентот.

Се очекува Ренци уште во текот на неделава да го претстави новиот кабинет и да ја побара неопходната доверба од дводомниот парламент. Матео Ренци во внатрепартиска борба за превласт го принуди досегашниот премиер Лета да поднесе оставка на функцијата.

Претседателот на централно десничарската партија НЦД, Анџелино Алфано, вчера сигнализираше дека и под раководство на Ренци стои на располагање за формирање на влада. Заедничките цели меѓутоа допрва треба да бидат утврдени.