1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Репортери без граници“ остро ја критикува македонската влада

28 февруари 2012

Организацијата „Репортери без граници“ забележува дека предложениот закон за странски дописништва е рестриктивен и не е во согласност со меѓународните конвенции. Се бара пратениците да го прочистат законот.

https://p.dw.com/p/14B8M

Организацијата Репортери без граници остро го критикува предложениот Закон за странски дописништва, кој во прво читање беше изгласан во македонскиот парламент. Оттаму оценуваат дека се работи за закон кој е порестриктивен и од оние наследени од поранешниот социјалистички систем, и дека се работи за авторитарни тенденции кои се граничат со апсурд.

„Законот му дава преголеми овластувања на министерството за надворешни работи и му дозволува на судскиот систем опасно ниво на интерпретација на законот. Пратениците мораат да го преиспитаат и прочистат законот или во спротивно странските медиуми ќе бидат подложни на арбитрарен режим кој не е во согласност со европските и меѓународни конвенции чиј потписник е Македонија“, се наведува во соопштение на Репортери без граници.

Со законот кој го предложи македонската влада, акредитациите на странските дописници и новинари во иднина треба да им ги издава министерството за надворешни работи, а на странските новинари ќе им биде забрането да прават анкети и испитувања на јавното мислење меѓу граѓаните. Со законот се забранува и внесување во земјата на повеќе од пет примероци на странски печат.

Автор: БГ/рсф

Редактор: Ж. Ацеска