1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Република Српска е стабилна?

Драган Максимовиќ / Елизабета М. Фиданоска9 февруари 2014

Половина БиХ е во хаос, а во другиот дел на земјата ситуацијата е поинаква, иако во некои градови може да се види спорадично изразување на незадоволство на граѓаните. Дали состојбата во Република Српска е толку различна?

https://p.dw.com/p/1B5ly
Фотографија: DW/D. Maksimovic

Повеќедневните демонстрации во градовите на Федрацијата БиХ, кои доведоа и до оставка на премиери и влади на одделни кантони, не влијаат многу на развојот на ситуацијата во Република Српска (РС). Иако имаше спорадични мирни протести, некакво поголемо изразување на социјален бунт - нема. Синдикатите и невладините организации кои околу себе ги собираат боречките здруженија, лицата со инвалидитет, студентите, се дури на мислење дека сега не е време за протести и дека не треба да се дозволи „кризата да се прелее од Федерацијата во РС“.

Тоа го порача и претседателот на РС Милорад Додик од Русија, велејќи дека е горд на граѓаните на РС кои не наседнале на провокации и не дозволиле прелевање на немирите.

Milorad Dodik Präsident Republika Srpska
Додик смета дека протестите во Федерацијата БиХ се „политички проект“Фотографија: Dragan Maksimovic

„Очигледно е дека зградите на три кантонални влади не ги запалија само економските и социјалните проблеми во Федерацијата БиХ, туку дека станува збор за политчки проект кој би требало ексалацијата на случувањата во ФБиХ на некој начин да ги трансферира во Република Српска“, изјави Додик.

На консултации кај Вучиќ

Меѓутоа, колку е состојбата сериозна зборува податокот дека Додик (СНСД) заедно со лидерот на СДС, Младен Босиќ, денеска (9.02) за прашањето на безбедноста на граѓаните разговара со потпретседателот на српската влада во технички мандат, Александар Вучиќ.

Никола Дроњак, водач на студентските протести во Бања Лука и прв човек на здружението „Слободна Република“, вели дека социјални неприлики сигурно ќе има, но дека тоа не треба да се гледа низ призмата - зошто протести нема во овој момент: „Она што е најважно е дека протестите кои ние ги организиравме или можеби ќе ги организираме, мора да бидат во духот на толеранција, ненасилни. Нема никаков ефект ако ние палиме општествен имот, зашто на тој начин само им даваме ветер в грб на луѓето од постоечката гарнитура која е окована со криминал и корупција.“

Bosnien Studenten Protest Wohnungsnot Banjaluka
Дроњак очекува бунт и во РСФотографија: DW/A. Slavnic

Од поголемите протести во РС на кои граѓаните, главно работници, ги бараа своите права, може да се издвои синдикалниот од пред една година и студентските протести, исто така минатата година. Меѓутоа, ништо од тоа не ги возбуди претставниците на власта, можеби и поради фактот што „најсилните“ категории граѓани - борци, инвалиди, пензионери, досега не изразуваа свое незадоволство, велејќи дека дијалогот е најдобро решение. Плод на тој дијалог, меѓу другото, е и најниската пензија од 160 марки, намалување на боречкиот додаток, како и еднострано раскинување на колективниот договор од страна на работодавачите. Власта се повикува на зголемување на пензиите од околу 7% на почетокот на годината, но ако се земе предвид дека трошоците за живот се зголемени за 100%, сметката е јасна.

Генералниот секретар на Сојузот на синдикати на РС, Велка Оџаковиќ, вели дека работниците го изразуваат секојдневно своето незадоволство таму каде што е потребно. „Каде и да постои можност за договор, работниците се подготвени на договор и така и се однесуваат. Водат социјален дијалог и сакаат на тој начин да дојдат до своите права. Мислам дека никому не му е во интерес да го уриваме она нешто малку што остана од војната“, нагласува Оџаковиќ.

Средена средина или страв?

Премиерката на Република Српска Жељка Цвијановиќ го поддржува правото на секој граѓанин да го изрази својот став, но тврди дека веќе долго време се прави обид за прелевање на кризата од Федерацијата БиХ во РС:

Zeljka Cvijanovic
Цвијановиќ: Федерацијата е несредена, РС е средена срединаФотографија: Vlada RS

„Го поддржуваме правото на секој граѓанин да го изрази својот став, затоа што РС е едно зрело демократско општество. Ја поддржувам потребата или желбата на секој граѓанин со зборови да го изрази она што го мисли или тоа да го искаже со поворки. Но не поддржувам никаква активност која би требало да служи за прелевање на кризата од несредена средина, каква што е Федерацијата, во средена средина, каква што е РС.“

Социологот Иван Шијаковиќ, меѓутоа, вели дека состојбата во РС не е ништо подобра во економско-социјална смисла, но дека според негово мислење, во РС е поголем стравот и зависноста од власта: „Контролата е многу поголема и посилна. Во Федерацијата премногу се опуштија (власта,н.з.), а и Федерацијата е многу пошаренолика што се однесува до организацијата, што е полесно за насочување против некого. Во РС има само едно место.“

„Народот е гладен, ограбен и доста му е од се‘“

Интересно е отвореното писмо што по повод случувањата во Федерацијата БиХ на претседателот на РС Милорад Додик му го испрати претседателот на партијата Српска Алтернатива, Тихомир Глигориќ. Тој наведува дека никој не сака во РС да се одигра истото сценарио, но изразува и стравување дека Додик не ја сфаќа поентата на приказната:

Demonstrationen gegen die Regierung in Bosnien
Во петокот (7.02) во Бања Лука граѓани прошетаа низ градот, укажувајќи на проблемите во тој ентитетФотографија: DW/D. Maksimovic

„На народот му е смачено. Народор е гладен, ограбен и доста му е од се‘“, вели Глигориќ, барајќи од Додик да ги повика луѓето да ги „вратат парите што ги ограбиле“ од што би се формирал фонд. Од тој фонд, како што предлага Глигориќ, би имало пари за бесплатно лекување, ефикасен систем на социјална заштита, ревитализација на фирмите кои се дел од лошата приватизацијата.

Глигориќ додава: „Се разбира дека за ова се потребни многу пари. Ако не биде доволно она што тие твои тајкуни ќе го вратат, еве ти уште неколку идеи каде можеш да најдеш пари: продај го својот авион и хеликоптерот со кој се возиш по светот, а народот од тоа нема никаква полза. Сам себеси укини си ја репрезентацијата која што си ја испланирал за 2014-та, во износ од половина милион конвертибилни марки, на министрите и останатите раководители платите сведи им ги на две просечни плати во РС, така ќе ги мотивираш да сторат се‘ што е во нивна моќ за раст на просечната плата“, наведува, меѓу другото, Глигориќ.

„Милораде, само ноевите ја забиваат главата в песок кога надоаѓа неволја. Проблемите кои овие денови ескалираа во ФБиХ можеш да ги игнорираш и како и премиерката да се фалиш дека сме стабилен и апсолутно среден ентитет. Но тоа нема да помогне кога чашата ќе се прелее. Кој не го слуша народот, ќе слуша бура“, се наведува во отвореното писмо на претседателот на Српска Алтернатива и донеодамнешен директор на Геодетската управа на РС, Тихомир Глигориќ, упатено до претседателот на РС, Милорад Додик.