1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Република Српска: Фантомски град против етничка разноликост

Сузане Глас / Е.М. Фиданоска30 септември 2013

Вишеград, познат по мостот на Дрина и овековечен во делото на нобеловецот Иво Андриќ има нова атракција - Андриќград, некој вид Дизниленд, според претставите на филмскиот режисер Емир Кустурица. Проектот е контроверзен.

https://p.dw.com/p/19USK
Фотографија: Nenad Veličković

Својот голем настап го имаше на 28. јуни, на Видовден, најважниот српски празник. Емир Кустурица е познат во светот како музичар, актер и режисер, како неконформистички уметник од етнички поделената повоена Босна. Сега својата татковина ја става пред проблем.

Во Вишеград, градот каде се наоѓа речиси 500 години стариот мост на Дрина, Кустурица го гради „Андриќград“, еден вид мини Србија, наречен според неговиот идол, носителот на Нобеловата награда за литература - Иво Андриќ. Свеченото отворање беше на 28. јуни.

Кустурица категорично одбива новинарски прашања, но сепак рече: „Ова место е крваво место. Овој град, ова подрачје во различни временски периоди, во различни владетелства и различни освојувања не било градено според некои одредени архитектонски правила.“

Културата што сега ја инсценира Кустурица е чисто српска, а Вишеград порано бил место каде културите се мешале, што го восхитувало Иво Андриќ. До југословенските војни две третини од жителите беа муслимани. На малкутемина кои останаа Кустурица им демонстрира претензии за српски суверенитет со изградба на православна црква.

Џамија во неговиот вештачки град не е предвидена. Биљал Мемишевиќ, имам од Вишеград, вели: „Тоа е трагедија. Жал ми е за него поради тоа што тој е врвен филмаџија, мајстор на филмот, врвен режисер. Не знам што ќе постигне со тоа и едноставно сметам дека е ова само бизнис и ништо повеќе.“

Andrićgrad Višegrad Visegrad Souvenirs
Сувенири од Вишеград и „Андриќград“Фотографија: Ružica Marjanović

Економски погледнато, проектите се успешна туристичка атракција и имаат свои фанови. Теснолиниската железничкa пруга ги поврзува Вишеград и резерватот Мокра Гора, зад границата, во Србија. Сето тоа е дел од царството на Кустурица. Возот се појавува во еден од неговите филмови.

„Зависи од иницијативата на еден човек. Ова е единствена туристичка атракција во околината и важна е за нашата слаба економија. Кустурица барем прави нешто“, оценува еден жител од околината.

Сепак, никој точно не знае дали Кустурица навистина самиот - како што вели - ги финансира своите проекти сo двоцифрен милионски износ, или пак наголемо спонзорира и српската влада.

Тоа важи и за етно-селото Дрвенград. Селото од дрво, во пограничниот дел со Босна, Кустурица го создаде првично како филмска кулиса. Од 2002. година тој живее таму. Како единствен жител на неговиот вештачки град, тој ги стави в затвор САД и ЕУ.

Кустурица се покрсти во 2005 година. Се откажа од муслиманското име Емир и го зеде името Немања и очигледно има сѐ поголема потреба да ја докажува припадноста кон православната вера. Ако во Дрвенград има само скромна дрвена црква, во Андриќград е изградена копија на едно српско светилиште од Косово. При осветувањето на Андриќград, покрај Кустурица стоеше Милорад Додик, претседателот на босанските Срби. Неговиот добар пријател е озлогласен подбуцнувач, кој инсистира на специјална положба на Србите во Босна.

Flash-Galerie Cannes Filmfestival 2011 Emir Kusturica
Емир КустурицаФотографија: AP

„Никогаш и не е заеднички договорено трите народи, Бошњаците, Србите и Хрватите, да останат да живеат заедно. Ги натераа да живеат заедно и затоа не е ни чудо што Босна и Херцеговина денес има огромни проблеми и што во перцепцијата на еден современ Европеец се поставува прашањето - што се случува таму?“, изјави Додик во „Андриќград“.

Луѓето се екстремно фрустрирани, дури и на исклучителен празник како Видовден. Дел од нив велат: „Тешко е. Да речеме дека иднината е ваква. Би било убаво иднината да е ваква, да се слави.“

„Имаме многу проблеми, пред сѐ економски, проблемот со корупцијата и прашањето на стандардот. За нас, овдешните граѓани, не е изненадување одлагањето на европска интеграција.“

Политички прашања не го интересираат многу Кустурица.

„Се надевам дека сѐ што е во рамките на Европа, треба да биде, и е Европа. Но формалностите им ги препуштам на политичарите“, вели Кустурица.

Тој лично се гледа себеси како уметник кој на својата публика ѝ подарува музика и филмови. Да, дури и цели градови и култури. Кустурица си гради свет според сопствени претстави. Само што, за жал, со тоа води и политика.