1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ресторан во мрак

15 септември 2009

Секои пет минути во светот ослепува еден човек. Во Германија, слепилото е на врвот на заболувањата. Како е животот во мрак може само да почувствуваат оние кои ќе го посетат темниот берлински ресторан „Нокти вагус”.

https://p.dw.com/p/JWTx
Во ресторанот „Нокти Вагус“ служат лица со оштетен вид, а љубопитните гости имаат прилика да почувствуваат како е да се живее во комплетен мрак!Фотографија: picture-alliance/ ZB

„Човек вистински гледа само со срцето. Суштествените работи се за очите невидливи”. Оваа порака на Антоан де Сент-Егзипери, во ресторанот во мрак на поранешната берлинска пекара, подразбира вкуси, мирисни, допри, слушни...Се останато е во мрак. Се е црно, дури и начинот на кој се влегува во просторијата.

Сензибилизирање на сетилата

По системот полонеза, фатени за раменици гостите се внесуваат во мракот. Прво во една меѓу комора, а потоа еден по еден се водат до масите и столиците. Сетилото за допир е единственото кое на почетокот е ориентација. Потоа доминираат звуците. „Ова е мрачен ресторан. Значи просторијата е во комплетен мрак целата вечер. Гостите со тоа се принудени да ги сензибилизираат другите сетила и да стекнат сосема ново искуство,“ кажува Силвија која има оштетен вид, но тука работи од првиот ден веќе седум години.

Движење само по тепихот!

Во мракот, во просторијата за гостите, персоналот кој служи е слеп или со многу оштетен вид. Вработените во кујната и на барот немаат проблеми со видот. Оние со оштетен вид веќе ја доживеале просторијата барем еднаш и имаат слика за неа во главата. Оние кои воопшто не гледаат истотака суверено се движат во мракот. „На просторот каде се движат келнерите има тепих и тука важи мотото - одете само по тепихот! Тогаш не може ништо да се случи,” објаснува Силвија.

Brasilianische Küche
Јадење во темница - необично доживувањеФотографија: dpa

Кога ќе се има претстава каде седат гостите се’ е во ред. Келнерите не можат да ги пишуваат порачките. Мора да знаат кој гостин каде седи, што порачал, што пие и кога ќе каже дека сака уште вино, мора келнерот да знае какво веќе има на маса.

Комуницирање со потпукнување со јазикот

Во мракот до гостите допираат звуците, удирањето на вилушките по чиниите, разговорите меѓу луѓето... и невообичаено потпукнување со јазикот и прстите, што е еден вид комуникација меѓу келнерите за да ги одбегнат судирите меѓу нив.

Силвија вели дека нема постојани сигнали, но со текот на времето секој си создава свој стил. Некој подобро работи со прстите, друг со јазикот. Таа понатаму кажува дека масите главно се за четворица, но централно има и неколку споени за поголеми групи. Во ресторанот може да вечераат или ручаат до 60 гости за кои се грижат главно четворица келнери. Се случува непознати парови да седат едни наспроти други и по многу кусо време да не се персираат и да разговараат меѓусебно како да се познаваат со години. Тоа никогаш не би се случило во нормален ресторан, но тука седат сите во мракот, никој не знае како треба да јаде и тоа е заедничката тема за разговор.

Наспроти предрасудите дека децата се плашат од темница Силвија вели дека тие за разлика од возрасните немаат страв и добро се снаоѓаат и забавуваат во мракот.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Александра Трајковска