1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдум во Венецуела - како ќе реагира Мадуро?

ЖА
17 јули 2017

Преку 7 милиони граѓани на Венецуела учествуваа на референдумот против социјалистичката власт на чело со претседателот Николас Мадуро. Пред повеќе гласачки места владини симпатизери напаѓаа граѓани.

https://p.dw.com/p/2gfNZ
Venezuela Symbolisches Referendum gegen Maduro
Фотографија: Reuters/C. Rawlins

Најмалку 7,1 милион луѓе излегоа на неофицијалното изјаснување организирано од опозицијата, 690.000 од нив гласот го дадоа во странство, соопшти организаторот на гласањето, по пребројувањето на 95 проценти од гласовите. Излезноста е далеку над очекувањата, потенцира Фреди Гевара, заменик-претседател на Националниот парламент, а пренесува дневниот весник „Ел Универзал“. Меѓутоа, политичките набљудувачи во пресрет на референдумот, беа на мислење дека за мобилизирачки успех на опозицијата ќе се смета учество на најмалку осум милиони од вкупно 19 милиони граѓани со право на глас.

Гласачите требаше да се изјаснат за плановите на шефот на државата, Николас Мадуро, за уставна реформа. Мобилизација на граѓаните против намерите на претседателот вршеше во прв ред опозицискиот сојуз МУД, збир од конзервативни, либерални и социјалдемократски партии, надевајќи се дека плебисцитот ќе испрати јасен сигнал на „цивилна непослушност“.

Со месеци Венецуела е арена на насилни судири меѓу припадниците на опозицијата и на владата. И референдумот беше проследен со употреба на сила. Милиции блиски на владата нападнаа гласачко место во престолнината Каракас. Притоа загинало едно лице, јави опозицијата.

Мотоциклистички банди отвориле оган врз гласачите во квартот Катиа, по што околу 500 луѓе во паника побарале засолниште во блиска црква. Илјадници луѓе се собраа по затворањето на гласачките места пред централата на МУД, за преку екран да го следат резултатот од пребројувањето на гласовите.

Мадуро преку државната телевизија повика на запирање на насилството во Венецуела и нови преговори со опозицијата. „Ја повикувам опозицијата, почитувајќи го уставот, да се вратиме кон мир, да се состанеме и да разговараме“, изјави тој. Во моментов Мадуро владее со земјата преку декрети, заобиколувајќи го парламентот, иако од 2016. година, опозицискиот сојуз МУД во него има мнозинство. Илјадници приврзеници на опозицијата со месеци секојдевно протестираат по улиците, барајќи смена на владата на Мадуро. Во демонстрациите, проследени со судири, досега животот го загубија преку 90 луѓе.

Противниците на владата стравуваат дека планираната уставна реформа на Мадуро дополнително ќе ја ослабне улогата на парламентот и ќе ја концентрира моќта кај претседателот. Според анкетите, само 20 проценти од Венецуелците ги поддржуваат плановите за промена на уставот, кој е во важност од 1999. година, од времето на претседателот Хуго Чавез.