1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформата на тајните служби ќе стане „реформичка“

Бернд Греслер / Елизабета Милошевска Фиданоска29 август 2012

Шокот поради серијата убиства од страна на нацистичката организација НСУ не траеше долго. Ценкање околу реформата на надлежностите на тајните служби отсекогаш имало. И сега се заканува „реформичка“ наместо реформа.

https://p.dw.com/p/15z9d
Фотографија: picture-alliance/dpa

Радикалните предлози околу идното работење на разузнавачката служба во Германија, што ги даде сојузниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих, наидоа на решителен отпор кај покраините. Шеснаесетте покраински служби за разузнавање, кои се под „капата“ на покраините, а не на сојузот, треба и во иднина да постојат и да не се откажат од своите одлучувачки компетенции.

Многумина експерти стравуваат дека ефективноста на ваквите мали служби нема да биде доволна. Затоа сојузниот министер за внатрешни работи имаше намера да и‘ даде поголеми надлежности на сојузната служба за разузнавање, која има седиште во Келн.

Hans Peter Friedrich CSU Bundesinnenminister Rücktritt Präsident Verfassungsschutz Neonazi Terrorzelle NSU
Министерот Ханс-Петер Фридрих брзо увиде дека предлозите немаат големи шансиФотографија: dapd

Набљудувањето на „насилнички стремежи и лица“ во иднина би требало да е во рацете на сојузната служба. Групација како НСУ, која од 2000 до 2007 година во повеќе покраини уби деветмина мигранти и една полицајка, според претставите на Фридрих, во иднина би требало да е случај со којшто ќе се занимава сојузната, а не покраинските служби. Тие, пак, како што предлага министерот, во иднина би требало да се занимаваат со легалните групи, кои не се подготвени на насилство, каде што би припаѓала на пример НПД или групи и лица од Партијата на левицата.

Покраините спречуваат „деградација

Тоа звучеше како реформа. Но, веќе по едноиполчасовно разменување мислења на министерот со колегите од покраините Фридрих се збогуваше од својата идеја. Зашто покраините ваквата поделба на работите ја сметаат за деградација. Не смее да има разузнавачи од прва и втора класа, се жали министерот за внатрешни работи на покраината Мекленбург Предна Померанија Лоренц Кафие. Министерот за внатрешни работи на покраината Долна Саксонија Уве Шинеман изјави дека нова безбедносна архитектура не е неопходна. Во праксата на набљудување, според него, воопшто не е можно да се прави разлика меѓу насилнички екстремисти и ненасилни групи како НПД, поради тоа што границата меѓу нив не е цврста. Според највлијателниот меѓу покраинските министри за внатрешни работи, Ралф Јегер, од покраината Северна Рајна Вестфалија, при набљудувањето и анализата на екстремистичките стремежи е многу важно „да се имаат продлабочени познавања на локалната и регионалната сцена“.

Bundesamt für Verfassungsschutz Köln
Во иднина покраините ќе имаат обврска за поопширно информирање на сојузната службаФотографија: picture-alliance/ dpa

Така многу очекуваната реформа на разузнавачките служби се заканува да се претвори во „реформичка“. Сепак, во иднина покраините ќе имаат обврска за поопширно информирање на сојузната служба. Исто така, сојузот и покраините, заеднички се залагаат за поголема парламентарна контрола на тајните служби. Контроверзните „кртови“ на разузнавачките служби во десноесктремните организации во иднина треба да работат и да бидат контролирани според стандарди кои ќе важат на сојузно ниво.