1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформата -тема и на новото заседание на Генералното собрание на ОН

18 септември 2007

На новото 62. заседание на Генералното собрание, со кое ќе претседава поранешниот шеф на македонската дипломатија др. Срѓан Керим, една од темите е реформата на Светската организација и посебно на Советот за безбедност.

https://p.dw.com/p/BgzW
Др Срѓан Керим по изборот за Претседател на Генералното собрание на ОНФотографија: Macedonian Information Agency

Токму со таа тема и заврши последната седница на 61-то заседание. На неа со консензус беше усвоена резолуцијата за реформа на ОН. Но, таа нема да има практични последици, смета германскиот амбасадор при Светската организација Томас Матусек:

“Со донесениот текст ја отвораме вратата за следната фаза. За нас е важно што постигнавме консензус, но тоа не значи дека било кој мора да отстапи од својата позиција во врска со реформата.“

Толку спомнуваната и најавуваната реформа на Советот за безбедност останува меѓутоа бесконечна приказна, иако Генералното собрание побара таа да биде спроведена што е можно побрзо, а најдобро уште до крајот на тековната година. Во центарот на реформските настојувања стои проширувањето на Советот, појаснува амбасадроката на Велика Британија Карен Пирс:

“Нашата позиција е дека Германија, Бразил, Индија и Јапонија треба да станат постојани членки на Советот, исто како и претставниците на Африка. Но, отворени сме и за сите други опции што би помогнале за надминување на сегашната блокада.“

Спомнатата блокада се состои во тоа што не постои квалификувано мнозинство за ваквиот предлог. Пакистан со поддршка на други земји го блокира предлогот поради ривалството со соседна Индија од која се отцепи и предлага друг модел со ротирачки членови на Советот но на подолг рок од две или четири години.

За блокадата меѓутоа придонесуваат и големите сили со право на вето, пред се‘ САД. Тоа го предизвика амбасадорот на Индија Нирупам Сен на не баш дипломатски настап:

“Циничното продолжување со ритуали што немаат никаков смисол и што само го блокираат Генералното собрание, тоа им користи само на големите и моќните!“

Според очекувањата во дипломатските кругови на Светската организација реформата на Советот за безбедност нема да игра голема улога ни во говорите на шефовите на држави и влади следната недела. Честа да настапат први ќе ја имаат американскиот претседател Џорџ Буш и германската канцеларка Ангела Меркел.