1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рехагел: „Меркел не ја измисли кризата“

Панајотис Купаранис / Елизабета М. Фиданоска27 март 2013

Ото Рехагел во Атина треба да ја рекламира германско-грчката соработка, а во Германија да биде амбасадор на Грција. Тренерот тоа го прави со задоволство, но според сопствени правила на игра.

https://p.dw.com/p/184uA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кај грчкиот министер за внатрешни работи, кај министерката за туризам или на фудбалски турнир - Ото Рехагел сите обврски ги извршува суверено. Со задоволство е во Атина, иако знае дека од него се очекуваат резултати. Германската канцеларка Мерккел го замоли да се ангажира за подобрување на германско-грчките односи. Грчкиот министер за внатрешни работи Стилијанидис од него пак бара да биде амбасадор на Грција во Германија. Тој треба да им објасни на Германците дека Грците се вредни и дека ќе ги исполнат барањата на Тројката. Министерката за туризам пак, однапред се заблагодарува што Ото Рехагел сака да се заложи за тоа германските фудбалски тимови во иднина да отворат зимски тренинг кампови и во Грција. Подоцна, Јанис Топалидис, некогашен асистент на Рехагел, забележува дека соодветни хотелски капацитети, како на пример во Турција, во Грција - нема. Но, со оглед на тоа што идејата е на Рехагел, сега ќе се провери дали еден комплекс во северна Грција е соодветен за таа намена.

Ото Втори се враќа

Откако со грчката фудбалска репрезентација стана европски шампион во 2004 година, во Грција се смета дека Рехагел може да направи многу. Тоа го знае и самиот Со задоволство раскажува дека првиот крал на Грција по независноста во 19. век бил Германец кој владеел 32 години. А тој, некрунисаниот Ото Втори, тука бил само 10 години. Она што Рехагел не го кажува е дека првиот Ото бил протеран, а тој самиот го одбра моментот на своето заминување.

Bundespräsidentenwahl 2012 Bundesversammlung Merkel Rehagel
Ангела Меркел и Ото РехагелФотографија: picture-alliance/dpa

Рехагел и денес одговара и рекламира онака како што самиот смета дека е во ред. На натпреварот на младите фудбалери на Панатенаикос и екипата составена од деца на бегалци, дел од новинарите се обидоа да констатираат дека има порака против расизам и непријателство кон странци. Ото Рехагел одговори: „На играчите им реков да ја покажат својата техника, да се почитуваат и реков дека сакаме убав натпревар.“ Веројатно повеќе зборови со играчите не потрошил ниту на ЕП 2004 година. Најважното во фудбалот, вели Рехагел, не е тактиката, туку протагонистите, значи играчите. Тие мора да бидат прифатени како личности. Тој во 2004 година беше успешен поради тоа што ја прифати спонтаноста и дивоста на своите грчки играчи. Неговиот придонес се состоеше во тоа што ги научи на ред и дисциплина.

Без пот нема успех

Дали тоа би можел да биде начинот за решение на грчките проблеми? Ото Рехагел всушност не сака да одговара на вакви прашања. Тоа треба да е задача на Ханс-Јоаким Фухтел, државен секретар во сојузното Министерство за труд, ополномоштеник на канцеларката Меркел за германско-грчка соработка на локално ниво. Идејата да се патува во Грција со Ото Рехагел за да работи на договарање конкретна соработка меѓу германските и грчките општини беше негова. Теми - проблеми со депонирање на отпадот, поефективна управа, создавање комунални енергетски претпријатија. Се разбира, грчките новинари немаат голем интерес, а како и би имале кога деноноќно во фокусот на известувањето е кипарската криза, а и мисија на Тројката е во Атина за да бара од грчката влада спроведување нови мерки.

Bildergalerie Fußball-EM-Geschichte
Во 2004 година Рехагел освои европска титула со грчката фудбалска репрезентацијаФотографија: AP

Можат ли Грците да ја надминат денешната криза? „Се‘ е можно со заеднички сили“, одговара Ото Рехагел. Зарем неговата екипа не докажа како оди тоа? Кога ја презема екипата во 2001 година таа беше раскарана, а нецели три години потоа следуваше голем успех затоа што не се работеше еден против друг, туку еден со друг. Тоа треба да се случи и денес, во време на економска криза.

На прашањето во една телевизиска емисија дали донесол ветување за помош од канцеларката, тој одговори: „Кога е тешко, треба да се држиме заедно. Мора да го стегнеме ременот, но не толку за да немаме веќе воздух.“ Тоа им годи на Грците, исто како и кога Рехагел вели дека во животот се држи до правилата „околу 90 проценти“. Рехагел не е толку ригорозен. Се знае дека промени се неопходни, но не секогаш ќе се прави се‘ како што треба. На таков човек не му се забележува кога на прашањето за вината на германската канцеларка за економската криза во Грција одговара: „Госпоѓа Меркел не ја измисли кризата“.