1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рецепт за стабилно евро - фискална наместо „должничка“ унија

Жанг Данхонг/ Жана Ацеска2 март 2013

Еврото засега е спасено, но е далеку од сигурно. Како може подолгорочно да се обезбеди неговата стабилност? Една ревизорска фирма и еден научен институт имаат конкретен предлог.

https://p.dw.com/p/17m0D
Фотографија: Fotolia/pincasso

Европската валута беше недоносен пород. Зад неа не стоеше сојузна држава, ниту пак националните економии во овој монетарен сојуз беа приближно хомогени. Се веруваше, нерамнотежата сама ќе исчезне со заедничката валута. Но, се случи обратното. Доволна беше должничка криза во Грција за кулата од карти речиси целосно да се урне.

За тоа што еврото денес е посилно од ретко кога порано, треба да и‘ заблагодариме во прва линија на Европската централна банка, која е подготвена за купување на сите државни обврзници на кризните држави, ако е нужно, со што екстремно го растегна својот мандат. Благодарност заслужуваат и владите на земјите членки, кои го отфрлија принципот на непреземање на долговите и ги поддржаа платежнонеспособните земји. Но, зависна Европска централна банка и унија во која се поопштествуваат долговите, се непопуларни пред се‘ во северноевропските држави.

Deutschland Wirtschaft Norbert Winkeljohann
Норберт ВинкелјоханФотографија: PWC

Европски данок на приход

За трајна стабилност на еврото, мора да се намали нерамнотежата меѓу земјите-членки. Поедноставено речено, ако на земјите од југот на Европа им е неопходна финансиска помош, северните земји се подготвени да помогнат ако должничките држави се одрекнат од својот суверенитет. Таа блокада сега сакаат да ја разбијат научниците од ревизорската куќа ПрајсвотерхаусКуперс и Хамбуршкиот институт за светска економија. Тие предлагаат воведување европски данок на приход. Тој би опфаќал 10 проценти од националниот данок на доход. Во зависност од бројот на жителите, на земјата би им се враќала одредена сума.

Норберт Винкелјохан од германскиот ПрајсвотерхаусКуперс вели: „Со тоа прво би имале уплата која зависи од приходот, а потоа исплата независна од него“.

Но, зошто токму данок на приходите на граѓаните? Причината ја објаснуваТомас Штраубхар од Институтот за светска економија: „Стопанската ефикасност на една земја најдобро се огледа во данокот на приход“.

Овој данок нема да претставува мешање во националната даночна политика, ниту приближување на фискалната и социјалната политика, нагласува Винкелјохан: „Неопходни ни се различни системи за одржување на конкурентноста. Но, нам ни е потребна и фискалната унија на државите кои го имаат еврото. Тогаш се‘ би се случувало на принцип на распределба“.

Spanische Ein-Euro-Münze unter dem EU-Rettungsschirm NEU
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Ohde

Комесар за еврото

Една земја добива поддршка од европскиот буџет само ако парите и‘ се предвидени за структурни реформи. Авторите на студијата не предвидуваат формирање нова служба која би ја надгледувала распределбата на парите.

Притоа државите сами решаваат за што ќе ги потрошат парите, вели Штраубхар:

„Всушност, во секоја земја дошло до нерамнотежа од различни причини. Додека во Грција се неопходни реформи на државната управа, во Шпанија се неопходни пари за санација на банките“.

Неопходен е и комесар за еврото, кој ќе го надгледува користењето на буџетите и евентуално да примени вето. Ако се воведе национален данок на приход, Германија би била оптоварена со 30 милијарди евра годишно. Тоа е помалку отколку гаранцијата со која Германија влезе во Фондот за спас на еврото и е потранспарентно, вели Винкелјохан: „Тоа е систем на база на придонес, кој ние како држава треба да го поднесеме неколку години. Но, тоа е поразлично отколку да се биде во вонредна ситуација и Бундестагот преку ноќ да мора да одобри повторно 120 милијарди евра за спас на еврото“.

Pressekonferenz Pricewaterhouse Coopers und Hamburgisches Weltwirtschaftsinstitut
Томас ШтраубхарФотографија: DW/Z. Danhong

Економските шокови е неможно да се спречат, се‘ додека постојат економски циклуси. За тие да бидат поподносливи за државите од еврозоната, погодени од криза, научниците предлагаат воведување европско осигурување во случај на невработеност, кое би се исплаќало на невработените во текот на една година и би изнесувало 30 проценти од националната просечна плата, со што би се растовариле националните социјални системи. Германија за вакви потреби сега издвојува 10 милијарди евра.

Значи, заедничката валута не може да се има бесплатно. Во дискусијата околу иднината на еврото е потребна барем толкава искреност. Двата инструменти за вистинска фискална унија, фаворизирани од ревизорската куќа ПрајсвотерхаусКуперс и Хамбуршкиот институт за светска економија, имаат привлечност што ги земаат во обзир желбите и задршките на земјите од југот и северот и со тоа имаат реална шанса за примена. Маната е во следното-фискалната унија која ја скицираа научниците е наменета за еврото по акутната криза. А нејзе еврото мора допрва да ја преброди.