1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рецесијата тропа на вратите од хотелите и рестораните во Охрид

13 април 2009

Првичните неофицијални податоци говорат дека туристичкиот промет во Охрид од октомври минатата до март оваа година опаднал дури за половина. Забележителен пад е регистриран и кај конгресниот туризам.

https://p.dw.com/p/HVb8
Охридско езероФотографија: dpa

Светската економска криза го зема данокот и во туризмот. Наспроти очекувањата на охриѓани дека трендот на враќање на странските туристи ќе продолжи, разочарувачки звучат вестите дека туристичкиот промет од почетокот на оваа 2009 година постојано опаѓа. Црвеното светло за тревога го запалија и охридските угостители. Обединети во хотелската асоцијација ХОТАМ бараат државата да спроведе три итни мерки со кои би требало да се спаси барем главната сезона. Претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески вели:

„Од Владата побаравме субвенција на организираниот туристички промет. Ова барање е веќе влезено во Законот за туризам. Деновиве се очекува само министерот да го потпише упатството. Втората мерка е намалување на ДДВ за услугите за ноќевање и храна од 18% на 5%. Третата мерка е барањето туризмот да се признае како извозна гранка и да бидеме ослободени од данок.“

Главен тест за успешноста на сезоната за Охрид секогаш бил празникот Први мај, а последниве години и одбележувањето на Велигден. Хотелиерите бележат откажувања на веќе резервирани аранжамни. ХОТАМ, вели Танески, не се предава:„За оваа сезона барем на Балканов сеуште има шанса да се направи добра промоција. Ни претстојат уште саемите во Приштина и Сараево. Ќе се обидеме преку нив да ги пополниме празнините кои ќе ги има летово и есенва.“

Ohrid See in Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Потребна е помош од државата

Дека државата е таа што треба да помогне согласен е и Стефан Каневче.Човек кој долги години е во туризмот и во улога на промотор и угостител:

„Туризмот е комплексна дејност и државата треба како во сето наше опкружување да ја преземе грижата. Општините не можат да го сторат тоа. Секоја си има свои локални интереси. Тоа е потребно ако сакаме да одиме напред во туризмот.“

Туристичкиот работник Гоце Иваноски вели дека е голема грешка Охрид што дозволи да има викенд станови приближно колку и туристички капацитети во хотелите. Така хотелиерите со повисоките цени ја губат битката на пазарот, вели тој:

„Мислам дека е грешка што се дозволи во Охрид да се изградат околу 4000 викенд станови.Помножено само по двајца тоа е една голема бројка од потенцијални гости. Така може да се процени колку губат хотелите на ривиерава“.

Hotel Hotel Desaret Ohrid
Хотелиерите се жалат дека се откажуваат аранжманитеФотографија: IMPORT

Кафетериите во центарот на градот полесно го поднесуваат ударот.Раде во туризмот е околу една деценија:

„За разлика од претходните, оваа сезона очекуваме повеќе гости.Претежно тоа ќе бидат домашни туристи а сигурно ќе има и од Србија, Косово и Албанија.“

Туризмот - главен извор на приходи

Реизбраниот градоначалник Александар Петрески веќе започна со уредување на централното градско подрчје. Охриѓани се согласни дека локалната власт многу вложи и во уредувањето на периферијата од градот. Петрески ударот од рецесијата се обидува да го намали со промција на Охрид во соседството:

„Наша екипа е веќе на саем во Бугарија во Велико Трново.Од таму ќе очекуваме гости. Најави за добра посетеност има и од Србија. Јас лично правам контакти со грчкиот конзулат. Ќе се обидам да ги посетам Лерин, Воден и Костур.Таму ќе им соопштам на Грците дека тие се добредојдени како туристи во Охрид.“

Индустријата во Охрид речиси ја нема.Охриѓани разбирливо се свртеа кон туризмот и вложуваат во подобрување на капацитетите. Секојдневно никнуваат нови мини хотели и апартмани. Понудата се збогатува по повеќе од една деценија кончено во јули ќе стартува бродската линија Охрид – Поградец најави македонскиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески:

„Останува уште мала административна работа и очекувам во месец јуни да профункционира бродската линија Охрид – Поградец.Сите градежни работи се веќе завршени.“

Охрид ги има сите предиспозиции што ги дала природата. Недостига светски бренд во хотелиерството, разработен аеродором и директни летови и нов пат од Охрид кон Свети Наум.Решенија беа понудени во штотуку завршената изборна кампања. Реализацијата се очекува.

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Невена Георгиевски