1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решавањето на косовскиот статус ќе го стабилизира регионот

Александар Чомовски8 јуни 2006

Ова во Скопје го заклучија македонскиот премиер Владо Бучковски и шефот на мисијата на ОН Сорен Јесен Петерсен

https://p.dw.com/p/Adde
Косово-до крајот на годината ќе биде решен статусот,смета Петерсен
Косово-до крајот на годината ќе биде решен статусот,смета ПетерсенФотографија: picture-alliance/ dpa

До крајот на годината ќе биде јасен статусот на Косово.Кон средината на јули во Виена пратеникот на ОН за Косово Марти Ахтисари ќе ја отвори првата рунда на преговорите меѓу Белград и Приштина за финалниот статус на протекторатот.Овие информации во Скопје ги донесе шефот на УНМИК,Сорен Јесен Петерсен.Тој со својот домаќин,македонскиот премиер Владо Бучковски се согласи дека што побрзо треба да се реши идниот статус на Косово,што ќе го стабилизира регионот.Петерсен ги обвини белградските власти за стимулирање на отсуството на косовските Срби од политичкиот дијалог во покраината,но ги критикуваше и Албанците,кои не ги исполнуваат малцинските стандарди кон Србите.Кон крајот на оваа година ќе мора да биде донесено решението за Косово,беше категоричен шведскиот посредник.

-Тоа е важно,зашто не може да се одржува мисијата на УНМИК,таа станува неодржлива на Косово,изјави Петерсен во Скопје.

Македонија не може да биде решавачки фактор околу идните решенија за Косово,посочи неговиот домаќин,Бучковски:

-Но,ние и натаму ќе продолжиме да го промовираме дијалогот,и да го пренесуваме нашето позитивно искуство во имплементирањето на Охридскиот рамковен договор како предуслов единствено во Македонија,според наше мислење, да имаме функционално меѓуетничко општество кое може да продуцира стабилност и да биде фактор за стабилност и пошироко во регионот.

Бучковски и Петерсен во блиц средбата немале време или не сакале да ги отворат спорните прашања за обележувањето на македонската северна граница.Шефот на УНМИК не се сретна со претседателот Црвенковски во Охрид.Во Скопје Петерсен еден час беше во приватна болница поради ненадејни ишијалгични болки во рбетот.Дипломатски извори велат дека Петерсен наскоро ќе се повлече од Приштина.Можно е таа одлука да ја донес ево наредните неколку недели.Статусот на Косово засега не ги дразни политичките партии,ниту е тема во македонското предизборие,како што тоа беше случај пред посетата на косовскиот премиер Агим Чеку на почетокот на годинава.Тогаш двајцата премиери се согласија дека македонската граница е непроменлива,а обележувањето ќе се третира како техничко,а не како меѓудржавно прашање.