1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решавање на спорот со името, па членство во НАТО и ЕУ

30 април 2009

На средбата на македонскиот претседател Бранко Црвенковски со генералниот секретар на Алијансата, Јаап де Хоп Шефер, како и со еврокомесарот за проширување, Оли Рен, е истакнато- потребни се добрососедски односи.

https://p.dw.com/p/HgpV
Бранко Црвенковски и Јаап де Хоп ШеферФотографија: Macedonian Information Agency

Македонија ги исполнува сите критериуми за членство во НАТО, останува само да се реши спорот за името со Грција, изјави генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер, на средбата со претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски. Двајцата соговорници, чии мандати истекуваат наскоро, се сложија дека во наредниот период потребно е да се создава амбиент на добрососедски односи меѓу двете земји.

Шефер, покрај што побарал решение за името, повикал Македонија и Грција да се воздржат од националистички изјави кои, според него, не создаваат услови за решение. Според Шефер, поради сложеноста на ситуацијата во регионот, НАТО има обврска да не ја напушта Македонија.

Добрососедските односи не се критериум за прием во ЕУ

Европскиот комесар за проширување Оли Рен по средбата со Црвенковски нагласи дека добрососедските односи не се формален критериум за евроинтеграција и не се дел од одредниците кои Европската Комисија ги поставува, но додаде дека во реалниот живот прашањето за името претставува доминантно прашање меѓу двете земји и затоа бара итно разрешување.

“Мојата најискрена желба и барање е да има брзо повторно отворање на преговорите за да се најде решение на проблемот за името. Тој постои долго време и се надевам дека нема да постои вечно. Со неговото решавање ќе се разрешат други проблеми и прашања и сигурно ќе се подобрат соседските односи, кои не се формален критериум за процесот на интегрирање во ЕУ, ниту дел од критериумите кои ќе се оценуваат од Комисијата. Но извесно е дека во вистинскиот живот прашањето за името ги спречува односите меѓу двете земји, предизвикувајќи пошироки компликации“ , рече Рен.

EU-Kommission kritisiert Türkei - Bericht Oli Rehn
Еврокомесарот Оли РенФотографија: picture-alliance/dpa

Според еврокомесарот отпочнувањето на претпристапните преговори зависи од исполнувањето на осумте критериуми поставени од Европската Унија, тој би сакал да види поголем концензус околу реформите за прием во Унијата. Рен смета дека Македонија има демократски капацитет да ги надмине ривалствата и поделбите.


„Секогаш е многу важно да се развива конструктивна политичка клима, што е потребно за членството во ЕУ“.
Според Рен, Европската комисија наскоро ќе разгледува дали ќе го укине визниот режим за македонските граѓани, но визната либерализација е се‘ поизвесна.

„Земјата постигна напредок во исполнувањето на поставените услови. Ние се‘ уште го проучуваме тој напредок и наскоро Комисијата ќе ја даде конечната проценка и ќе може најверојатно да даде препорака за слободно патување без виза за земјите кои ги исполнуваат условите.“

Македонија ги заврши обврските

Во однос на укинувањето на визниот режим, претседателот Бранко Црвенковски нагласи: „Република Македонија во изминатиот период главната работа ја заврши. Тоа е објектива оценка и проценка. Се надеваме дека до крајот на оваа година ќе биде донесена одлука од ЕУ за либерализација на визниот режим. Како што стојат работите, не само за нашата земја, туку и за други земји од регионот.“

Во претстојниве неколку месеци до изготвувањето на годишниот извештај, Македонија треба да направи уште многу работи во дел од областите посочени од Комисијата. Истовремено Црвенковски изрази убедување дека Република Македонија има институционален капацитет и потенцијал овие задачи навреме да ги заврши. Тој притоа најави дека ќе биде конструктивна опозиција откако ќе замине од сегашната функција и дека нема да ја користи популистичката реторика за да си создава повисок рејтинг во државата.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема