1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решение за гасот мора да се најде!

2 јануари 2006

Дали Украина “краде“ од гасот наменет за Европа?

https://p.dw.com/p/AcAA
Фотографија: dpa - Bildfunk

Гаспром ја обвини Украина дека го презема гасот наменет за европските земји во вредност од околу 25 милиони долари. Претседателот на Гаспром, Александар Медведев, изјави дека Украина само вчера презела околу 100 милиони кубни метри гас. Украинскиот претседател, Виктор Јушченко, ги демантира ваквите обвинувања за кражба, но вели дека неговата земја презема определени количества гас како некаква транзитна такса поради тоа што низ украинска територија се транспортира руски гас за Европа. Гаспорм вчера ја стопираше испораката на гас за Украина откако таа одби да плати петпати повисока цена за него.

Украина во моментов користи сопствен гас од резервите и гас од Туркменистан, соопшти украинскиот министер за енергија, Иван Плачков. Според договорот за транспорт на гас низ украинска територија, како што вели Плачков, Украина може во вид на транзитна такса да задржи 15% од количествто руски гас што се транспортира.

Европските земји ја опоменуваат Русија дека иако зависат од рускиот гас, тие се и главниот негов купувач и дека Москва треба да ја сочува репутацијата на снабдувач од доверба.

Германската влада го зголемува притисокот врз двете страни во спорот да најдат компромис. Канцеларот Ангела Меркел, како што соопшти портпарол на владата во Берлин, од Русија и Украина очекува да се држат во своите обврски за транспорт и да обезбедуваат и натаму непречено гас за европските земји. Опозиционите зелени денеска ја обвинија Меркел дека е срамно воздржана во спорот. Шефот на фракцијата на зелените, Фриц Кун, изјави дека запирањето на рускиот гас за Украина е казна на Москва за портокаловата револуција во Киев. Кун бара од Меркел отворено да каже дека вакво однесување на Русија е неприфатливо.

Германскиот министер за економија и технологија, Михаел Глос, денеска рече:

“Верувам дека Русија и Украина ќе постигнат согласност. Тука лежи клучот. Русија има претседавачко место во Групата осум, и и поради тоа треба да се однесува одговорно, се разбира.“

Еврокомесарот за надворешна политика, Бенита Фереро Валднер, пак оцени: “Двете земји се многу важни производители на гас и на нафта делумно, што за нас значи енергетска сигурност за иднина. Верувам дека секој негативен потег ќе ја разниша довербата на Европејците во овие лиферанти на гас. Затоа мислам дека решенија мора да бидат најдени.“