1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решение преку меѓународна конференција за Сирија?

8 февруари 2012

Турција предложи во Истанбул или друг регионален центар итно да се организира меѓународна конференција за ставање крај на насилствата во Сирија. ЕУ најавува нови санкции за Дамаск.

https://p.dw.com/p/13zOm
Судирите во Хомс продолжуваатФотографија: Reuters

Доколку Советот за безбедност на ОН не успее да ги заштити цивилите во Сирија, земјите истомисленички треба да формираат нова платформа, порача денеска (08.02.2012) турскиот министер за надворешни работи Ахмед Давутоглу.

Тој порача дека Турција е подготвена да одржи меѓународна конференција во Истанбул за поддршка на сирискиот народ, од која ќе се испрати порака до претседателот Башар ал-Асад да го запре 11-месечното насилство против неговите противници. Според Давутоглу, таква конференција би можела да се одржи и во некој друг регионален центар.

„Меѓународната заедница мора да испрати силна порака за поддршка на сирискиот народ и да им испрати помош на жителите на градот Хомс, кој е под артилериски напад на сириската војска“, изјави Давутоглу.

Ahmet Davutoglu in Kairo Ägypten
Турскиот министер за надворешни работи Ахмед Давутоглу.Фотографија: picture-alliance/dpa

Нови санкции од ЕУ наскоро

Земјите членки на ЕУ пак, во меѓувреме постигнале принципиелна согласност за воведување санкции за Сириската централна банка како дел од новите казнени мерки чија цел е да го принудат претседателот Башар ал-Асад да замине од власт, изјави висок дипломат на ЕУ за новинската агенција Ројтерс.

Диполоматот, кој сакал да остане, анонимен изјавил дека деталите за новите санкции се’ уште се разработуваат, но сите 27 земји-членки на ЕУ во основа сакаат тие официјално да бидат одобрени на 27. февруари.

Арапската лига побара од своите набљудувачи да ја напуштат Сирија. Повеќе арапски земји, претходно, во знак на протест поради насилството во Сирија, ги повлекоа своите набљудувачи од таа земја. Набљудувачите беа испратени во Сирија во декември, со задача да го набљудуваат повлекувањето на армијата од градовите и ослободувањето на политичките затвореници.

Syrien Arabische Liga Beobachter
Арапските набљудувачи во СиријаФотографија: picture-alliance/dpa

Систематски масакр во Хомс?

Во меѓувреме, сириските сили, според наводи на активисти, петти ден по ред го бомбардираат градот Хомс, кој е упориште на бунтовниците. Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека притоа загинале десетици луѓе. Високиот комесар за човекови права на ОН Нави Пилај го обвини сириското раководство за систематски масакр во Хомс.

САД го одбија барањето за вооружување на сириската опозиција, што е предлог на американскиот сенатор Џон МекКејн. Наместо тоа се разгледува можноста за хуманитарна поддршка на луѓето во Сирија. Американското министерство за надворешни работи смета дека повеќе оружје во моментов не е одговор на сегашната криза во Сирија.

Автор:СН/ЕМФ/ртр/афп/дпа/дв

Редактор: Е. М. Фиданоска