1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реџепи отфрла автономија за северот на Косово

ЖА/миа17 јануари 2013

Косовскиот министер за внатрешни работи Бајрам Реџепи ја отфрли можноста северот на Косово да добие автономија. Српскиот премиер Дачиќ, пак, го бара северно Косово во замена за место на Приштина во ОН.

https://p.dw.com/p/17Lan
Фотографија: DW/Ajete Beqiraj

Бајрам Реџепи ја отфрли можноста северот на Косово да добие автономија, оценувајќи дека за решавањето на прашањето за односот меѓу Белград и Приштина може да се примени моделот од договорoт меѓу двете Германии.

Во интервју за виенскиот весник „Пресе“, Реџепи рече дека не е точно оти во новата рунда од дијалогот ќе стане збор за автономија на северот на Косово.

„Премиерот на Србија Ивица Дачиќ изјави дека отцепувањето на северот на Косово ќе биде најдобро решение, но тоа не е реално“, порача Реџепи, укажувајќи дека меѓународната заедница јасно кажа дека поделбата на Косово не е решение. Постојат шпекулации во Србија дека северот на Косово треба да добие специјален статус, нешто како територијална автономија, но и за тоа Приштина вели ’не’“, наведува Реџепи.

Ivica Dacic in Brüssel
Ивица ДачиќФотографија: DW

Српскиот премиер Ивица Дачиќ, пак, изрази подготвеност за постигнување компромис со Приштина, кој, како што појасни, подразбира „северно Косово во замена за место во Обединетите нации“. Тој истакна дека е подготвен да ја прифати можноста Косово да стане дел од Обединетите нации, но само под услов Приштина да прифати поделба на територијата, пишува весникот „Блиц“. Според Дачиќ, Косово може да го попречува патот на Србија кон Европската унија, но напомена дека Белград може истото да го стори во однос на амбициите на Приштина да стане членка на ОН.
„Тое може да трае 30 години и таквото однесување не е во ничиј интерес“, рече српскиот премиер.