1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рикер порача да се продолжи со реформи

ЕМФ/миа/макфакс21 август 2012

САД ја поддржуваат интеграција на Македонија во Европската Унија и НАТО, рече американскиот заменик помошник државен секретар Филип Рикер, по денешната (21.08) средба со македонскиот премиер Никола Груевски во Скопје.

https://p.dw.com/p/15tbs
Фотографија: MIA

Филип Рикер, кој даде изјава без да одговара на новинарски прашања, порача дека Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската Унија е добра можност за земјата да продолжи со спроведувањето на реформите.

„Оваа посета ми дава можност да му честитам на премиерот за она што Македонија го сработува преку Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската Унија. Како што знаете, САД многу го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ, заедно со зачленувањето во НАТО и целосна евроатлантска интеграција, што е наша политика за Македонија и за целиот регион за кој сум одговорен во Стејт Департментот. Очигледно, пристапниот дијалог е добра можност да се продолжи со работата на реформите во областа на владеењето на правото, слободата на медиумите. Ова се важни прашања за кои сме разговарале многу пати и ќе продолжиме да ги покренуваме. Реформскиот процес е добра можност да се охрабри прогрес во тој правец. Ќе бидам во Македонија уште неколку денови и ќе имам можност да се сретнам и со други министри и политички лидери, дел од нашите вообичаени контакти со нашиот пријател и партнер Македонија“, изјави Рикер по средбата со премиерот Груевски.

Претходно, американскиот дипломат се сретна со министерот за надворешни работи Никола Попоски. Притоа, Рикер нагласил дека неодамнешната посета на Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, како и неговите пораки, може да придонесе кон што поскоро изнаоѓање на заемно прифатливо решение околу името, се наведува во соопштението од македонското МНР. Шефот на македонската дипломатија притоа истакнал дека Македонија очекува натамошна засилена поддршка од САД за евроатлантските интегративни процеси.

Филип Рикер неколкудневната посета на Македонија ја стартуваше вчера (20.08) со средба со претседателот Ѓорге Иванов.