1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роберт Насков за „Трето полувреме“: Кога ќе купиш лоз - се надеваш дека ќе добиеш!

Сузана Тодоровска-Павлоска13 септември 2012

Друштвото на филмските работници на Македонија го одбра националниот, македонски кандидат за наградата Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

https://p.dw.com/p/1681B
Фотографија: Darko Mitrevski

Во конкуренција со филмовите „Жената која си ги избриша солзите“ на Теона Стругар Митевска (во продукција на „Сестри и брат Митевски“) и „Скопје Ремикс“ омнибус потпишан од група режисери (во продукција на „Ново македонско видео“), филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски е избран со мнозинство гласови од 5-члена комисија.

Филмот „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, во продукција на „Кино Око“ од технички причини навремено ја повлече својата кандидатура, пишува во соопштението од Друштвото на филмските работници на Македонија.

Македонскиот кандидат за престижниот „Оскар“ за странски филм ќе се бори за влез меѓу петте филмови номинирани за оваа награда во Оскаровската трка во 2013 година.

Продуцентот на филмот „Трето полувреме“, Роберт Насков за ДВ изјави дека кандидатурата за номинација за Оскар била очекувана.

„Кандидатурата за Оскар е дополнителен ’плус’ за филмот и за неговата натамошна промоција. Она што следи сега е презентирањето на нашиот филм. Одбравме и ПР агенција која ќе работи на неговото претставување. Тоа е „Дада Филмс“- успешна компанија од Лос Анџелес со седиште во Њујорк која има одлично искуство со претставувањето на филмовите од неанглиско говорно подрачје, кандидати за „Оскар“ пред Американската академија. Целата концентрација сега ќе ја насочиме кон промоцијата на филмот, по дистрибуцијата во Македонија“, вели Насков.

Тој се надева и на финансиска поддршка од страна на државата , но и на номинација за „Оскар“.

„Обично македонските кандидати за номинација за ’Оскар’ биле поддржувани во промовирањето на филмот. Кога ќе купиш лоз, се надеваш дека ќе добиеш“, изјави за ДВ продуцентот на „Кино Око“ Роберт Насков.