1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Розберг победи на трката за Големата награда на Кина

Александар Методијев /ап/макфакс15 април 2012

Возачот на Мерцедес Нико Розберг е победник на кинеското Гран При во Формула 1. Тоа е првата победа за Розберг во кариерата, а до неа дојде стартувајќи од полпозицијата.

https://p.dw.com/p/14eEZ
Фотографија: dapd

Розберг победи со големи 20,6 секунди пред возачот на Мекларен Џенсон Батон, правејќи два пит стопа и успевајќи да ја заврши трката со излижани гуми. Германецот, по 110 извозени трки, на патеката во Шангај ја забележа првата победа во кариерата и првата победа за Мерцедес по далечната 1955 година.

„Чувството е прекрасно. Прекрасно е да се види колку брзо напредуваме. Не очекувавме да биде толку брзо денеска“, рече Розберг по победата.

Шансите на Џенсон Батон од Мекларен во трката му ги уништија миханичарите, кои при третото влегување во боксот премногу долго ги менуваа неговите пневматици. Тимскиот колега на Батон од Мекларен, Луис Хамилтон, заврши на третата позиција, а по него следуваше дуото од Ред Бул – Марк Вебер и Себастијан Фетел.

Со третото место Хамилтон ја презеде водечката позиција во генералниот пласман во оваа сезона со 45 поени. Тој има два поени повеќе од Батон, кој е на втората позиција. Фернандо Алонсо е трет со 37 поени, а по него следуваат Вебер со 36 и Фетел со 28 поени. Со победата Розберг се искачи на шестата позиција со 25 поени.

Меѓу конструкторите во водство е Мекларен со 88 поени, а по него следуваат Ред Бул со 64 и Ферари со 37 поени.

Тимскиот колега на Розберг, седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер ја започна трката од втората позиција, но мораше да се повлече во 13-от круг, поради тоа што предното десно тркало не било соодветно прицврстено за време на првиот пит стоп. Трката во Кина беше трета во годинешната сезона на Формула 1.