1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роланд Јан: НСА и Штази не може да се изедначат

Р. Романиец/Е. М. Фиданоска6 февруари 2014

Меѓу американската тајна служба НСА и тајната служба на поранешната ГДР - Штази, не може да се стави знак на еднаквост, нагласува ополномоштеникот на германската влада за Штази, Роланд Јан. Кои се неговите аргументи?

https://p.dw.com/p/1B3nF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ополномоштеникот на германската влада за досиејата на Штази, тајната служба на поранешната Германска Демократска Република, Роланд Јан, во интервју за Дојче Веле оценува дека прислушувањето што го врши американската тајна служба НСА и праксата на Штази воопшто не може да се споредуваат. Јан, кој бил и борец за човекови права во поранешната ГДР, нагласува: „Не може да се стави знак на еднаквост меѓу НСА и Службата за државна безбедност. Во една демократија можеме да дискутираме што се случува во Америка и кај нас и како да се подобри контролата. Можеме да спориме во печатот и во парламентите и дури да донесеме и одлука за затворање на тајните служби, ако така сакаме. Тоа е слободата на демократијата“.

Истовремено, Јан оценува дека е потребен „правилник“ и меѓу државите, за да не се вршат повреди на основните права. „Се наоѓаме во возбудлива дискусија: колку слободата смее да се ограничи за да се заштити слободата, колку смее да им се дозволи на тајните служби за да се осигура демократијата, како да се организира обезбедувањето на демократијата?“

Во Германија отсекогаш постоела свест дека тајните служби мора да се контролираат. „Ваквата свест е уште позаострена, благодарение на откритијата на Сноуден и обработката на комунистичката диктатура. Се разбира, сите се благодарни што овие информации сега се на маса. Сепак, мора да се оцени дали се повредени демократските правила. Во некои ситуации се врши повреда на правилата за да им се помогне на луѓето и тогаш целта ги оправдува средствата. Но, за тоа не може секој сам да одлучува, туку тоа го одлучува општеството“, нагласува Јан за ДВ.