1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романите на Гоце Смилевски меѓу најпреведуваните на веков

31 јули 2011

Над 20 издавачи од светот, меѓу кои и „Пингвин‘‘, ги откупија правата за објавување на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд‘‘ на младиот, 36-годишен македонски писател Гоце Смилевски и тоа за само неколку месеци.

https://p.dw.com/p/11yAR
Гоце СмилевскиФотографија: Petr Stojanovski

До крајот на оваа календарска година од литературната агенција „Астие‘‘ од Париз, која ги застапува неговите авторски права,очекуваат делото да биде откупено на барем 30 јазици, со што автоматски влегува меѓу најпреведуваните романи на веков. Добитник е на врвни европски и македонски награди за литература. Работи во Институтот по македонски јазик во Скопје.

Остварување на дамнешен сон

На новинарско прашање што значи овој голем светски успех во литературата во интервјуто за Дојче Веле, писателот Гоце Смилевски ќе ни одговори: „Тоа значи остварување на некој дамнешен сон, бидејќи секој автор кога почнува да пишува го сонува тој сон да биде преведен на многу светски јазици. Меѓутоа како што почнува да пишува, сфаќа дека е многу тешко да се дојде до преводи. Дури еден-два преводи се понекогаш многу дури и за автори од многу големи земји, земји кои инвестираат во преводите на свои автори. Така што ова е остварување на сонот после пропаѓањето на сонот. Остварување на илузијата откако една дезилуизација е веќе извршена‘‘.

Смилевски во ранг со светски познатите Уелбек, Мекјуан, Памук...

На констатацијата дека ова денес можат да си го дозволат само докажани и врвни писатели од рангот на Уелбек, Мекјуан, Памук, Смилевски одговара:

„Токму тоа што станува збор за идентичен број на преводи со такви имиња ми претставува голема чест. Бидејќи тие се и повозрасни, значи дека јас треба допрва да се докажувам, или да се потврдувам‘‘.

Смилевски вели дека резултат ваквиот светски литературен успех е неговата огромна работа на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд‘‘ кој е пишуван седум ипол години и кој има три сосема различни верзии од кои првата е објавена во 2007 година.

„Главниот стожер е во огромна работа, а второ-мислам дека навистина имав среќа, конкретно на Франкфуртскиот саем на книгата да запознам една одлична агенција, тоа е „Астие‘‘ од Париз и да се сретнам со одлични издавачи. И мислам дека е многу важно тој контакт меѓу авторот и издавачот, моќта на авторот да го раскаже својот роман, да го заинтересира издавачот ‘‘.

Смилевски со својата скромност ќе потенцира „Нашите соседни земји немаат современ автор кој е објавен во „Пингвин‘‘. Не зборувам за мој врсник,можеби и во светски рамки, односно во европски рамки нема. Можеби нема автор под 40 години, кој не е Британец или Американец, а кој што ќе биде објавен во „Пингвин‘‘. Затоа како држава треба да бидеме задоволни со ова што го имаме, со ова што сме го постигнале во светски литературни рамки‘‘.

„Спиноза‘‘ е на добар пат да биде преведено на повеќе светски јазици

Смилевски вели дека е презадоволен од својата македонска читателска публика, а за интересот на европските и светски читатели, оценува:

„Конкретно за најновиот роман, на пример „Спиноза‘‘ кога излезе во Америка имаше две изданија, едното со тврд повез, второто-џебно издание. Излезе на уште пет-шест јазици. Сега засилено се јавуваат издавачи и за тој роман, за „Спиноза‘‘, кој исто така ќе се објави на голем број јазици, можеби на колку и „Сестрата на Зигмунд Фројд‘‘. А првиот превод на „Сестрата на Зигмунд Фројд‘‘ ќе биде објавен во септември годинава во издавачката куќа „Гуанда‘‘ во Италија.

Goce Smilevski Schriftsteller Mazedonien
Фотографија: Antoanela Dimitrievska

Наградата не смее да биде задоволување на суетата

Гоце Смилевски најпрво ја има освоено наградата Роман на годината на „Утрински весник‘‘, а потоа и наградата на Австрискиот ПЕН-центар за драмски текст во 2005, наградата на Централноевропската иницијатива за европски автор до 35 години во 2006 и лани наградата за литература на Европската унија, како и неодамна наградата за драмски текст на фестивалот „Војдан Чернодрински‘‘ во Прилеп. „Јас секогаш велам, наградата не смее да биде задоволување или разголување на суетата. Наградата секогаш треба да биде потток за натамошно творештво и натамошна посветеност. И само така сум ги гледал наградите. И мислам дека затоа не правам разлики дали некоја е на светски ранг. Сум добил три награди кои биле пошироко, на светско ниво, а сум добил и македонски. Мене ми се подеднакво драги и ми се подеднаков потик‘‘, вели за Дојче веле Смилевски.

Дали, ако има можност ќе замине во странство? Смилевски вели дека сепак би останал и би творел дома во својата Македонија, на своите корени:

„Секако дека постојат понуди. Меѓутоа некако мислам дека и убаво се чувствувам да бидам тука и да може мојата уметност да комуницира со целиот свет. Јас сум во состојба кога тоа е возможно, значи да живеам во Македонија, а она што го работам да комуницира со целиот свет“, вели писателот Гоце Смилевски.

Автор Антоанела Димитриевска

Редактор: Симе Недевски