1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија на погрешен пат

Кено Версек/ Александра Трајковска 14 август 2012

Во Романија се води борба за превласт меѓу подмолни политички дружини. Уставниот суд бара помош од Брисел.

https://p.dw.com/p/15okd
Фотографија: AP

Со недели владата на премиерот Виктор Понта се обидува дефинитивно да го разреши од функцијата претседателот Трајан Басеску кој е суспендиран од почетокот на јули. За таа цел се кршат важечки закони и одлуки на Уставниот суд.

На 10. август државното обвинителство на Врховниот суд на Романија објави протоколи од прислушкувани телефонски разговори на министри и високи службеници. Од разговорите произлегува дека владата на Виктор Понта во голем стил сакала да ги фалсификува изборните листи. На пример очигледно било планирано да се декларираат десетици илјади фиктивни мртви, а Романците кои живеат во странство да се отстранат од листите. Со фалсификувани податоци на 29. јули требаше да се ревидира првичната одлука за пропаднатиот референдум против Басеску. Во меѓувреме романското правосудство отвори истрага за манипулација на избирачките листи.

Притисок врз уставните судии

Со борбата за превласт меѓу владиното мнозинство и претседателот, Романија во меѓувреме западна во најтешката политичка криза во последните две децении. Поранешната министерка за правда Моника Маковеј, во моментов член на ЕУ парламентот, кабинетот на Понта го означува како „влада која ги крши законите и која ја маргинализира Романија во ЕУ“.

Victor Ponta
Премиерот Понта нема доволно авторитет во партијатаФотографија: picture-alliance/dpa

На почетокот на август во Романија дојде до скандал околу Уставниот суд. Судот сега треба да донесе одлука, дали референдумот за разрешување на Басеску бил валиден или не. Претседателот на романскиот Уставен суд Аугустин Зегреан се обрати за помош до Европската комисија и Европскиот совет. Владата на Понта вршела масовен притисок врз чуварите на уставот, судии на гремиумот добивале закани, пишува Зегреан во официјалното писмо до Брисел.

Претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо и комесарката за правда Вивиен Рединг на ова одговорија: Комисијата е „одлучна да гарантира зачувување на правниот систем во Романија“. Владата на Понта затоа авторот на писмото го претстави како еден вид предавник. Новиот министер за надворешни работи Титус Корлецјан на пример го обвини Зегреан дека со неговото писмо со поплаки му наштетил на угледот на Романија.

EU Barroso Rumänien
Остри зборови од Брисел - претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел БарозоФотографија: Reuters

Со случувањата околу Уставниот суд се покажува, дека „правосудниот систем на Романија не е вистински развиен“ и дека се случува „напад врз малкуте области на правната држава, кои функционираат“, се жали Петер Екштајн Ковач, познат адвокат за човекови права и политичар на унгарското малцинство во Романија.

„Голем дел од елитата не се интересира за вредностите на ЕУ“

Социјалдемократскиот премиер Виктор Понта самиот пледираше повеќе пати за тоа, да се прифати поразот во борбата против претседателот. Но очигледно не можеше да им го наметне своето гледиште на хардлајнерите во неговата партија. Набљудувачите сметаат, дека како лидер на Социјалдемократската партија тој располага со мал авторитет и дека т.н. „локални барони“ имаат големо влијание врз неговата политичка судбина: моќни локални политичари, кои политички и економски контролираат поединечни региони во Романија. Освен ова премиерот е критикуван и поради аферата за плагијат на неговата докторска дисертација.

Traian Basescu
Басеску се бори да ја зачува претседателскaта фотељаФотографија: picture alliance/dpa

Најверојатно борбата за превласт во Романија ќе трае уште извесен период, не се исклучува можноста да потрае и до парламентарните избори во ноември. Во меѓувреме се’ повеќе граѓани имаат чувство дека нема повеќе правна сигурност и дека правната држава може да биде демонтирана за кратко време, поради влијанието на дружините корумпирани политичари.

„Кај нас повеќе не се почитуваат никакви правила, голем дел од политичката елита веќе не се интересира за вредностите на ЕУ и најрадо сака да ја види Романија навор од ЕУ“, вели правничката Лаура Штефан, која како член на експертската комисија по налог на ЕУ редовно ја проверува состојбата на правниот систем во Романија.