1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите во Грција: сиромашни и обесправени

Јанис Пападимитриу/Б. Георгиевски4 ноември 2013

Приказната за малечката Марија, која се најде на насловните страници на грчките медиуми, повторно го отвори прашањето за односот кон Ромите. Мнозинството од нив живеат во сиромаштија и се целосно маргинализирани.

https://p.dw.com/p/1ABGZ
Фотографија: picture-alliance/ZB

„Тоа беше типично за нив“, во лутина вели Стелиос Каламиотис. За Ромите од атинското предградие Халандри, медиумските извештаи во врска со бугарското ромско девојче Марија ги разбудија старите стереотипи кон нив, без да се води сметка за последиците. Тврдењата дека „малото русокосо ангелче“, како што ја нарекуваа грчките таблоиди, било киднапирано и искористувано за пари, беа дури и најбезболните во целата ситуација.

„Се пишуваше дека девојчето било злоупотребувано од сопствената мајка и дека родителите кои ја посвоиле ја терале да игра на јавни места. Секој имаше некоја своја приказна“, наведува Каламиотис. Истрагата покажа дека ниту едно од обвинувања не биле точни“.

Правдата треба да биде еднаква за сите, вели овој атински Ром, кој и самиот очекува повеќе од грчкиот судски систем. Имено, тој е еден од 300 луѓе кои живеат во предградието Халандри уште од 1970. година, но во последниот период државата се обидува да ги исели оттаму. Причината: нивните живеалишта се наоѓаат на приватно земјиште, чија цена драматично расте на атинскиот пазар на недвижнини.

Стелиос Каламиотис и другите Роми во населбата живеат во екстремна сиромаштија, а преживуваат од собирање смет низ Атина или од препродажба на стари нешта. Во Халандри тие основаа организација која се бори за нивното право да останат во населбата, и досега имаат успех. Каламиотис, кој сега е претседател на организацијата, се сомнева во веродостојноста на документите на „сопствениците“ на земјиштето.

leibliche Eltern des Roma-Mädchens Maria gefunden
Малечката Марија околу која се крена голема прашина во медиумитеФотографија: picture-alliance/dpa

Кој ги троши парите за Ромите?

Уште пред многу години се дебатираше за оваа населба во грчкиот парламент. На земјиштето била планирала изградба на нова населба уште во времето на воената диктатура кон крајот на 60. и почетокот на 70. години. „Јас сум подготвен да ја напуштам населбата доколку државата ми даде стан со иста квадратура или ми помогне да изградам куќа. За тоа има доволно пари“, вели Каламиотис.

Дека за Ромите има доволно пари, но дека тие не доаѓаат до нив, смета и Панајотис Димитрас, претседател на Грчкиот Хелсиншки монитор. Клучни проблеми на грчките Роми се нивната станбена состојба, како и недоволниот пристап на децата до образованието, вели тој. Ништо на тој план не е сменето последниве години и покрај фалените владини проекти и финансиската поддршка од ЕУ.

Во 1996. тогашниот премиер Костас Симитис понуди план за подобрување на состојбата на Ромите, со главна цел, за секое семејство да се обезбеди стан и за секое дете гарантиран пристап до образованието. Билансот е очаен. „Неброени милиони, меѓу нив и пари од ЕУ, беа потрошени, но најголем дел од нив беа злоупотребени и се загубија низ корупција и лошо менаџирање“, критикува активистот за човекови права.

До денес, притоа, не се знае точниот број на Ромите во Грција. Според медиумски проценки, бројката се движи меѓу 150 и 250 илјади, активистите сметаат дека е далеку поголема- над 300 илјади. Според познавачите, дополнителен проблем е тоа што многу Роми кои успеале да се интегрираат во општеството, во меѓувреме го кријат своето потекло.

Најголем проблем-образованието

Освен проблемите во секојдневниот живот, со најголеми пречки Ромите се соочуваат во образованието. Европскиот суд за човекови права веќе два пати ја осуди Грција поради постоењето на две гето училишта за Роми, но и двете школи се и натаму отворени, вели Димитрас. Едно од училиштата се наоѓа во Софадес, град во централна Грција, каде е изградена прекрасна населба за Ромите. Таму ромските станови се полуксузни, отколку соседните куќи. Но, во училиштето сѐ останува по старо: 500 ромски дечиња таму посетуваат настава, и не можат ништо да научат.

Roma-Ghetto in Asenovgrad
Ромите живеат во субстандардни услови насекаде на БалканотФотографија: DW/M. Ilcheva

Експертите предупредуваат на овој маѓепсан круг: поради сиромаштијата и социјалните ограничувања ромските деца не можат да се образуваат, а потоа и немаат никаква шанса за успех во општеството.

Тој проблем го согледал и Стелиос Каламиотис кој со години води битка со властите околу населбата во која живее и го објаснува со негови зборови: „Знаеш зошто страдаме ние Ромите? Затоа што не знаеме да читаме и пишуваме. И затоа не‘ злопотребуваат“, вели Каламиотис.