1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите во Словачка наскоро без покрив над главата

Штефан Хајнлајн/ Жана Ацеска4 август 2013

Во Словачка живеат 250 илјади Роми во илегални колиби. Досега тоа премолчено се толерираше. Новиот закон би ги обврзал властите да ги урнат овие објекти. На повидок е хуманитарна катастрофа.

https://p.dw.com/p/19JXR
zenФотографија: AP

Семејството на Етела со генерации живее во ромскиот слам на работ на селото Плавецки Штрвток, оддалечено половина час возење од словачката престолнина Братислава. Во минијатурната колиба живеат 18 луѓе, без вода и без приклучок за гас. Во лето е ужасно жешко под лимениот покрив. Но, за Етел ова сепак е дом:

„Среќни сме што воопшто го имаме овој стан. Овде живееле уште моите баба и дедо. Каде би оделе инаку?“

Во сиромашната населба живеат најмалку 700 луѓе. Речиси сите жители живеат од социјална помош. Најголем дел од семејствата имаат по повеќе деца. Затоа, секоја година никнуваат нови куќи. Градоначалникот Иван Слезак со години залудно се бори против ширењето на сламот:

„Тие успеваат преку викенд да подигнат нова колиба. Кога ќе побараме да ги запрат работите, тие едноставно го игнорираат налогот на општината. Тоа се луѓе кои мислат дека се надвор од законот“.

Да се урнат сите илегално изградени објекти

Според проценките, околу 250 илјади Роми во Словачка живеат во илегално изградени колиби. Најчесто на туѓи плацови, без согласност на сопственикот. Државата со години ги толерираше овие довоградби. Очајните сопственици на недвижности ретко имаа поддршка. Но, сега државниот секретар Франтишек Палко сака тоа да го промени:

„Ќе воведеме ред и ќе застанеме на патот на националниот спорт - градење на црно. Многу е едноставно. Со новиот закон сите илегално изградени објекти ќе ги снема“.

Eine Mauer trennt das Roma - Viertel in Ostrovany ab
Фотографија: DW

Ако парламентот по летната пауза го усвои законот, сите општини ќе бидат обврзани да ги урнат дивоградбите, без исклучок. Можноста за дополнителна легализација на населбите од колиби ќе биде укината. Со тоа на Словачка и‘ се заканува хуманитарна катастрофа, предупредува Петер Полак, ополномоштеник за прашања за Ромите:

„Бројот бескуќници преку ноќ ќе порасне на над 150 илјади луѓе. Тие ќе одат во градовите и ќе кампуваат на отворено или некаде на друго место ќе градат колиби. Словачка не е подготвена за соочување со вакво сценарио“.

„Ќе земеме стапови и ќе се браниме“

Државата мора да преземе одговорност за пропустите во текот на повеќе децении, смета Полак. На сопствениците на плацови би требало да им се плати отштeта, додека земјиштето полека би требало да се даде под закуп на ромските семејства. Во случај властите да дојдат со багер и да воведуваат ред, и градоначалникот Слезак не очекува ништо добро:

„Ако се сруши целата населба, тоа ќе значи војна. Тоа би било лошо, не сакам ни да си замислам што ќе биде“.

И Етела и нејзиното семејство се надеваат дека нема да дојде дотаму. Тие се подготвени да плаќаат евентуелно рати за купување на плацот. Ако не се случи нешто друго, најавуваат бранење на колибите со сите средства:

„Знаете што ќе направиме? Ќе земеме стапови и ќе се браниме. Па, ова е нашиот дом. Ромите не дозволуваат толку лесно да бидат заплашени“.