1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите и образованието - излез од ќорсокакот

Зоран Арбутина/ Жана Ацеска25 септември 2013

Кон ромското малцинство припаѓаат многу млади луѓе под 30 години. Нo, нивните шанси за образование често се лоши. Последица е сиромаштија и изолираност.

https://p.dw.com/p/19oPB
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ромите се маргинализирани како во земјите во Централна и јужна Европа од кои потекнуваат, така и во западните индустриски земји и спаѓаат во најсиромашните во општеството. Притоа, „интеграцијата на Ромите е во интерес на сите членки на ЕУ“, потенцира Вивиен Рединг, заменик претседател на Европската комисија и еврокомесарка за правда. Како еден од клучевите кон успешна интеграција, таа го наведува непопречениот пристап кон образованието и пазарот на работна сила. Инвестицијата во образованието на Ромите е инвестиција во иднината, потенцира Рединг.

Притоа, недоволното образовение не е проблем на етничката припадност, туку во прва линија последица на сиромаштијата, истакна Барбара Лохбилер, член на Европскиот парламент и претседател на Комисијата за заштита на човековите права, на меѓународната конференција „За образование на Ромите во (и од) Југоисточна Европа: правото и реалноста“, која оваа недела во соработка меѓу Друштвото за Југоисточна Европа и Дојче веле се одржува во просторите на Дојче веле во Бон.

Да се земе во предвид и образованието на возрасните

„90 проценти од европските Роми живеат под границата на сиромаштијата, а само 10 проценти од европските деца-Роми посетуваат натамошно образование“, вели Лохбилер. Мора да биде земена во предвид меѓусебната поврзаност меѓу сиромаштијата и недоволните шанси за образование. Освен тоа, негативна улога врз децата игра и необразованоста на родителите.

„Тешко да се допре до родителите преку децата, тие обично немаат никакво разбирање дека за детето добивањето основно обраование е од дополнително значење“.

Затоа е посебно важно во европската програма за поддршка на интеграцијата на Ромите да се земе во предвид и образованието на возрасните.

Колку е важна поддршката од родителите за успехот на децата во училиштето, знае и Ромео Франц, претседател на Образовната и културна иницијатива на Синтите и Ромите во Германија и кандидат на Партијата на Зелените за Бундестагот. Тој потекнува од германско семејство на Синти, уште пред Втората светска војна етаблирано во граѓанското милје, но потоа прогонувано од нацистите.

Deutschland Roma in Duisburg Rheinhausen
Фотографија: DW/K. Jäger

„Имав голема среќа што баба ми завршила училиште и почнала обука за работа пред да биде принудена на бегство. Кога брат ми и јас во 1970-те години одевме во училиште, таа ни помагаше при домашните задачи“, раскажува Франц.

Тој, како активист за правата на Синтите и Ромите, посетил повеќе ромски населби во Србија и во Бугарија, кои многу Роми ги напуштаат за да заминат во Германија. Мнозинството таму живее во распаднати куќарки, без работа и здравствено осигурување. Во ваква ситуација има само малку деца кои можат да посетуваат училиште, зашто образованието е зависно од социјалниот статус, вели Франц. Но, ни во Германија не е поинаку:

„Многу деца кои живеат во социјални жаришта, одат во специјални училишта, со што нивната судбина е однапред запечатена“.

Сокривање на идентитетот

Но, има и Роми, кои се стекнуваат со факултетска диплома и покрај тешките услови. Сепак, тие тешко не можат да придонесат кон подобар општествен углед на Ромите, зашто мнозинството ја напушта својата заедница како и родното место, објаснува Илона Томова од Центарот за народни студии на Бугарската академија за науки во Софија. На пример во Бугарија, тие се откажуват од идентитетот и стануваат Бугари или припадници на турското етничко малцинство. Само една петтина од Ромите во Бугарија со завршен факултет го признава своето потекло.

Ваквите идентитетски проблеми ги познава и Низаџет Бислими, која со своето семејство дошла во Германија на крајот на 1990-те како 14-годишна. Тие, како и многу други Роми, биле загрозени од албанските националисти на Косово и морале да бегаат. По одбивањето на барањето за азил, членовите на семејството живееле во постојан страв од протерување. И покрај многуте пречки, Низаџете одела во училиште, имала добар успех и сакала да студира право. Нејзиното ромско потекло не сакала да го истакнува:

„ Имав веќе доволно проблеми со мојот несигурен статус. Моите пријатели знаеја што сум, но дека сум Ромка јавно кажав откако го решив прашањето со престојот“. Претходно, на прашањето за потеклото, велела дека доаѓа од Косово.

Anti-Roma Proteste in Tschechien
Фотографија: Martin Nejezchleba

Зашто, и во Германија Ромите често се општествено одбивани и дискредитирани. Според една студија од Универзиттеот Билефелд, 40 проценти од Германците изјавиле дека не би сакале да живеат во соседство со Ромите во Германија. А секој четврт мисли дека Ромите треба да бидат протерани од потесните градски подрачја.

Важна општествена улога во формирањето на јавното мислење притоа играат медиумите, истакнува Ерик Бетерман, директорот на Дојче веле на заминување.

„Денес многу лесно е да се настапи популистички со предрасуди против малцинствата, но медиумите мора да внимаваат на својата улога на објективен и верен пренесувач на општествените процеси“. Медиумите може да ја поттикнат интеграцијата.

„Ромите биле и се збогатување на нашата култура, тие се дел од културната историја на Германија“, вели Бетерман.