1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите со песна се бранат од десните радикали

Мартин Нејезчлеба / Марта Таневска22 декември 2013

Во чешките градови неонацистите постојано ги заплашуваат граѓаните во ромските населби. Во Дучков, Ромите се обидуваат да се бранат на мирен начин.

https://p.dw.com/p/19aYH
Фотографија: Martin Nejezchleba

Малиот Роберт и неговите пријатели уште малку можат да уживаат во мирот на улицата. Ова седумгодишно момченце лежи на улица, а неговата сестра со креда ги црта на улицата контурите на неговото тело. Роберт стана, а сестра му на нацртаното човече на крајот само нацрта насмеано лице. До нив две постари момчиња го цртаа ромското знаме.

Четири поворки за три месеци

Одвреме навреме неонацисти и жители местото Дучков, на северот на Чешка, маршираат преку тие цртежи. Нивните пароли: „Ова е нашиот дом“ и „Чешка на Чесите“, ги слушаат Ромите затворени во своите домови. Малиот Роберт, кој се вика поинаку во реалноста, страшно го лутат овие поворки.

Протестите во Дучков ги поттикна еден напад кој се случи во оваа ромска населба. Средината на мај годинава пијани насилници сурово претепаа еден маж и една жена. Со прикажувањето на снимките, кои ги снимила една надзорна камера, интернет платформата на екстремната десница „Слободен отпор“ („Свободни отпор“) го поттикна непријателството кон Ромите. Ситниот криминал во оваа сиромашна населба на многу Чеси им е трн во окото. А, вината колективно се префрла на сите Роми. „Дали и понатаму само ќе посматраме?“, поставуваат реторичко прашање десничарите на своите интернет страници.

Anti-Roma-Proteste in Tschechien
Градоначалничката на Дучков Јитка Бартова има разбирање за бесните граѓаниФотографија: Martin Nejezchleba

Со уметност против насилство

Ивана Ќонкова е перформанс-уметник. Таа во селото Дучков се обидува да постигне нешто против непријателското расположение, кое се прошири на сметка на Ромите. Со помош на неколкуте доброволци од граѓанската иницијатива „Конекс“ таа организира акција за прифаќање на Ромите. Ќонкова и нејзините колеги се обидуваат да ги уверат граѓаните дека Ромите треба да ги остават на мир и дека не треба Ромите поради страв од напад да се затвараат во своите домови. „Сакаме на децата да им понудиме поинакво искуство“, вели Ивана Ќонкова, која организира мали улични прослави. Возрасните на нив пијат кафе, една жена на децата им ги бои лицата, се свири на виолина, на виолончело и на гитара.

Градоначалничката има разбирање за бесните граѓани

Но, градоначалничката на Дучков Јитка Бартова има разбирање за бесните граѓани. „Многумина се секој ден се` пофрустрирани“, објаснува градоначалничката. Лошата економска ситуација, високата невработеност, тие работи се‘ повеќе „белци“ ги носи во незавидна положба.

„А, потоа ќе видат некој насмеан Ром на кого социјалниот работник му ги пополнува документите за да земе социјална помош. Кај луѓето расте чувство дека за нив никој не се зазема“, смета градоначалничката.

Anti-Roma Proteste in Tschechien
Ромите живеат во страв од неонациститеФотографија: Martin Nejezchleba

Организации за заштита на човековите права, пак, укажуваат дека Ромите со години се дискриминираат во училишниот систем, на пазарот на станови или на пазарот на трудот. На пример, во местата како Дучков, урнатините од згради во кои живеат Ромите се продадени на сомнителни компании, кои работат на пазарот на недвижнини. Поради претераните цени на овие станови, голем дел од социјалната помош за Ромите на тој начин се слева во џебовите на тие трговци.

„Ромите мора да се ослободат од улогата на жртви“, смета уметникот и активистот за човекови права Ивана Ќонкова. На крајот на краиштата, повеќето Роми се изјаснуваат против отворениот конфликт. Не сакаат да провоцираат - ним им е само важна безбедноста на своите деца.