1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромни: почеток на крајот на Обама

Александар Методијев /ројтерс/ап/дв25 април 2012

Републиканецот Мит Ромни ја стартуваше својата генерална кампања против претседателот Обама, откако победи на пет внатрепартиски избори одржани вчера, обвинувајќи го Претседателот за лажни ветувања.

https://p.dw.com/p/14kUA
Фотографија: AP

Освен за лажни ветувања, Ромни го обвини Обама и за недостаток од лидерство. „Подобрата Америка започнува вечерва“, рече Ромни додавајќи дека Обама потфрлил во неговите ветувања за надеж и промени. Тој однесе победа на предизборите во Конектикат, Роуд Ајланд, Делавеар, Пенсилванија и Њујорк.

„Вечерва е почеток на крајот на разочарувањето од годините на владеењето на Обама и е почеток на новото поглавје што ќе го пишуваме заедно“, рече Ромни прекинуван на моменти со овации од симпатизерите во Њу Хемпшир.

Ромни праша што може да се покаже од три и пол години владеење на Обама? Тој ги праша симпатизерите и дали им е полесно да си го продадат домот и да купат нов, дали заштедиле доволно за пензија, дали имаат подобри шанси да најдат подобра работа, дали плаќаат помалку на бензинска станица...? Одговорот беше – не!

„Знаете, ако одговорот беше ДА на тие прашања, тогаш претседателот Обама ќе се бореше за повторен избор врз основа на своето постигнување. Но, бидејќи не успеа тој ќе води кампања на дефокусирање, деструктивност и лажно претставување. Таков вид на кампања би можел да успее на друго место и во друго време. Но, не тука и не сега. Се’ уште се работи за економијата и ние не сме глупави“, рече Ромни ветувајќи им подобра шанса на оние кои се борат да преживеат. „Последните неколку години беа најдоброто нешто што Обама може да го направи, но тоа не е најдоброто нешто што Америка може да го направи“, нагласи Ромни.

Избори за иднината на Америка

Barack Obama neu
Обама признава дека средната класа има финансиски проблемиФотографија: AP

Тој ги убедуваше симпатизерите дека овие избори се за тоа во каков вид на Америка ќе живеат. Во говорот во Њу Хемпшир тој зборуваше речиси само за економијата. Со вчерашните победи на предизборите тој собра 695 од потребните 1.144 делегати за номинација на партиската конвенција, што ќе се одржи на крајот од август. Ромни е сигурен дека ќе биде кандидатот од редовите на републиканците што ќе му се спротивстави на Обама, а убеден е и дека ќе однесе победа на есенските избори.

„По 43 внатрепартиски избори, многу долги денови и повеќе од неколку долги ноќи можам со увереност и благодарност да кажам дека ми дадовте огромна чест и одговорност. И, заедно ќе победиме на 6-ти ноември“, рече Ромни.

Во исто време со предизборите кај републиканците, кандидатот на демократите и актуелен претседател Барак Обама спроведуваше кампања во Северна Каролина и Колорадо, одговарајќи на обвинувањата од републиканците за потфрлање во економијата. Колку и да оди бавно, сепак економијата станува се’ посилна, рече Обама.

„Нашите бизниси создадоа повеќе од четири милиони работни места во минативе две години, но знаеме дека има се’ уште многу Американци кои бараат работа и се обидуваат да најдат работа која е доволно платена за да ги покријат сметките и да направат хипотека“, рече Обама, забележувајќи дека се’ уште многу луѓе од средната класа бараат сигурност за себе, која почнаа да ја губат уште во годините пред почетокот на рецесијата.