1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

101010 Chile Rettungsaktion

10 октомври 2010

Спасувањето на 33 затрупани рудари во Чиле ќе почне в среда. Тунелот, преку кој спасувачките екипи треба да ги извадат, вчера стигна до просторијата на 624 метри под земјата, во која се затворени повеќе од 60 дена.

https://p.dw.com/p/PaTn
Еден од заробените рудариФотографија: AP

Радосната вест беше означена со звукот на сирена околу 8 часот изутрина по локално време. Дупчалката од типот Шрам Т-130 успеа да стигне до просторијата на 624 метри под земјата, од каде треба да бидат извлечени преживеаните рудари. Нивните роднини не можеа да ја сокријат радоста. Со солзи-радосници се гушкаа, се смееја и истовремено плачеа. Толку го очекувавме овој момент, велат тие, радосни што што нивните најблиски повторно ќе бидат меѓу нив. „Ќе ги чекаме тука, се` додека не излезат“, вели сопругата на еден од рударите.

И спасувачките екипи го славеја пробивот. Министерот за рударство, Лоренс Голдборн, кој цело време беше на лице-место во камп-приколка и во меѓувреме се претвори во национална ѕвезда, уште еднаш ги повика сите да ја зачуваат спокојноста. „И на роднините и на рударите им е јасно дека следните чекори исто така ќе потраат. Работиме и натаму, со главна цел да избегнеме секаква ситуација што би можела да доведе до дополнителни компликации“, рече тој.

Се смета дека работниците би можеле најрано в среда повторно да видат бел ден, меѓутоа нивното спасување може да се одолговлече до една недела. Голборн оцени дека целиот отвор е во добра состојба и дека не е потребно да се зајакнува со метални цевки по целата должина.

Искачувањето до површината ќе трае 45 минути

Chile Mine Verschüttete Bergleute
Новинарски екипи веќе наголемо се подготвуваат за најексклузивниот момент од операцијатаФотографија: AP

Според внимателно разработената завршна фаза од спасувачката операција, низ тунелот во специјалната метална капсула најпрвин ќе бидат спуштени рударски инженер и лекар, кои ќе треба да им дадат инструкции на заробените рудари за процедурата на евакуирањето и ќе им бидат направени медицински прегледи.

Капсулата е долга четири метри и обезбедена е со извор на кислород и апарати за постојана видео и аудио комуникација. Искачувањето на капсулата од подземната пештера до површината ќе трае околу 45 минути. Прво ќе бидат евакуирани рударите, кои се во најдобра здравствена состојба, за да можат да го издржат евентуалното блокирање на капсулата во тунелот. Откако ќе бидат отстранети сите можни технички проблеми, ќе се евакуираат луѓето со евентуални здравствени проблеми, и последни ќе бидат рударите кои се во најдобра психичка состојба.

Пробивањето на тунелот до 33 рудари траеше точно 33 дена. Нивните роднини, пак, веќе 66 дена чекаат пред окното на рудникот Сан Хозе, во близина на градот Копијапо и велат дека ќе останат смирени до самиот крај. „Чекавме 66 дена, па можеме да почекаме уште една недела. Се` што треба, само безбедно да ги извлечат“, велат тие.

Автор: Готфрид Штајн / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска