1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русите се бранат со камери

А.Гелинек / Е.Милошевска Фиданоска12 април 2013

Тие снимаат се‘ што се движи по руските улици - автомобилски несреќи, комети кои паѓаат и колони со возила. Таканаречените Даш-камери во Русија се применуваат наголемо.

https://p.dw.com/p/189Js
Фотографија: Yuri Kadobnovia/AFP/Getty Images

Најопасното во Русија се нејзините улици. Или можеби сепак луѓето кои на нив возат. Во Русија се‘ уште важи законот на посилниот. И така се однесуваат сите делови на општеството: армијата, земјоделството... и многумина весели индивидуалци. Сосема нормално лудило на руските автопати.

Сергеј Аслањан ги разбира руските возачи подобро отколку кој било друг. Во неговата радио емисија во живо тој секоја вечер слуша за нивните маки:

„Стрес на работа, нервоза дома... Но на улица можам да бидам оној што сум. Таму возам како што сакам. Така настануваат вакви видеа.“

Сведок на оваа секојдневна борба „човек против човек, машина против машина“ може да се биде благодарение на малите камери кои руските возачи се‘ почесто ги лепат на ветробраните. Само во една московска продавница за автомобилски делови има 25 различни модели на таканаречените видео-регистратори. Сите се од Кина или Тајван, а чинат меѓу 100 и 150 евра. Сергеј Саликов продава најмалку десет камери дневно:

„Сите ги купуваат - возачи кои зад управувачот се 40 години и луѓе кои пред два дена добиле возачка дозвола. На улиците има преголемо самоволие.“

Ана Ахмечина има камера веќе три години. Штом ќе влезе во автомобилот, камерата се вклучува и снима, а се исклучува кога ќе се исклучи моторот. Ако картичката за меморирање е полна, сликите се бришат и повторно може да се снима:

„Со тоа се штитам од самоволието на нашите улици. Може се‘ да се случи: несреќа - и не можеш ништо да докажеш, полицаец те запира наводно поради прекршок, за што бара пари, иако не си сторил ништо погрешно. Има илјада приказни кои завршуваат сосем поинаку ако имаш видео-регистратор.“

Она на што Ана мисли се инсценирани несреќи како модерно разбојништво за да се дојде до пари. На пример, пешак чека на крстосница и намерно се фрла на хаубата за подоцна да изнуди обесштетување. Или пак, пешак со наводно скап лаптоп налетува на автомобилот и се надева дека ќе наиде на возач кој е доволно шокиран за да плати веднаш.

Пјотр Шкуматов, од Здружението на возачи „Сина кофичка“, вели:

„Возачите се обидуваат да ја решат ситуацијата со нудење пари. Често пешакот е поврзан со полицијата. Вообичаено измамниците и полицаецот бараат 700, а се спогодуваат за околу 500 евра.“

Ана возела три години низ Москва со автомобилска камера и ништо не се случило - се‘ до минатиот октомври. Во сообраќајниот шпиц на обиколницата одзади се приближил владин мерцедес со вклучено сино светло. Подоцна се покажало дека во возилото бил инспектор за дрога. Мерцедесот вршел притисок и сакал да ја престигне, но Ана не реагирала. На крајот ја заобиколил од десната страна и удрил во нејзиниот џип.

Symbolbild Russland Moskau Verkehr Stau Winter
Камерите се доказ и отпор во сообраќајното лудило во РусијаФотографија: picture-alliance/dpa

„Возачот беше доволно дрзок да даде изјава дека јас сум претекнувала, сум му го пресекла патот и сум го понизила. Но, на видеото е очигледно дека јас возам само право, а тој се турка во мојот автомобил“, вели Ана Ахмечина.

На полицијата не и‘ преостанува ништо друго - мора да ја плати штетата на Ана оти владиниот мерцедес е виновен. Ана има двојна среќа: случувањето го снимила не само нејзината камера, туку и камерата на автомобилот зад неа.

„Камерата е спас за обичниот возач. Вакви камери им подарив на сите роднини, на сите пријатели. Сите ги убедив“, вели Ана.

Камера како одмазда на малиот човек за големата неправда на руските улици. Синото светло на покривот досега значеше предност за големците, безобѕирно, неказнето. Во колони стоеше само народот. Досега! Видео-регистраторот може да го промени двокласното општество, можеби дури и радикално. Новинарот Сергеј Аслањан оценува:

„Мислевме дека владините автомобили вечно ќе возат по коловозните ленти во спротивна насока и ќе минуваат на црвено, а ние ќе стоиме, дека тоа не може да се промени. Но камерата е оружје и кога сите возачи би ја имале, државата би била принудена да работи разумно и да се придржува кон сопствените закони.“

Станува збор само за многу повеќе отколку само за возење автомобил: едноставна камера, чиј поход се чини веќе е незапирлив, како инструмент на отпор против државата.

Споредено со ваквиот развој, метеоритот снимен неодамна со автомобилските камери, е само мал, спореден ефект, кој брзо прегорува.