1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија го цензурира интернетот

Матијас Белингер/ А.Трајковска19 јануари 2014

Русија му даде прибежиште на Едвард Сноуден. Истовремено владата на Путин ги става под притисок социјалните мрежи за да може да ги контролира критичките коментари. Активистите гледаат поврзаност.

https://p.dw.com/p/1AtPW
Фотографија: http://zaycev.net

Андреј Луговој е човек на тајните служби. Бизнисменот со КГБ- минато е осомничен дека во Лондон го убил поранешниот шпион Александер Литвиненко. Овој случај во 2006 година предизвика дипломатска затегнатост меѓу Русија и Велика Британија, која бараше испорака на човекот осомничен дека извршил убиство со отров. На спорот привремено му се стави крај, поради тоа што Луговој беше избран во рускиот парламент, со што ужива имунитет од кривично гонење. Но, таму набрзо најде нов непријател, а тоа се оние кои предизвикуваат немири со објавување на различни текстови на интернет.

Притисок врз Фејсбук и останатите

Луговој, кој во парламентот е претставник на либералдемократите на десниот популист Владимир Жириновски, е еден од авторите на законот за заострување на правилата за интернет, кој стапува на сила на 1. февруари 2014 година, пред самиот почеток на Зимските олимписки игри во Сочи. Со законот се прошируваат овластувањата на силите за безбедност за тие да можат да го блокираат пристапот до интернет страници.

Во иднина интернет провајдерите може да добијат налог од властите да ги блокираат не само страниците на кои има екстремистички содржини и детска порнографија, туку и социјалните мрежи кои повикуваат „на учество во масовни манифестации“. „Секој повик за протест на Фејсбук на телекомуникациските власти ќе им овозможи да наложат блокирање на мрежата во целата земја, доколку концернот не ги отстрани соодветните коментари“, предупредува интернет активистот Алексеј Сидоренко.

Откако Владимир Путин повторно беше избран за претседател во 2012 година, Русија ја проширува контролата врз интернет. Изборите тогаш беа проследени со протести, пред сѐ во Москва и Санкт Петербург, а повиците за демонстрации се ширеа преку социјалните мрежи како Фејсбук. Директно по изборите новата влада започна со заострување на контролите на интернет. Првата верзија на законот за блокирање на интернетот, кој сега е дополнително заострен, стапи во сила два месеца по реизборот на Путин.

Wladimir Putin Präsident Russland Moskau PK Pressekonferenz 19.12.2013
Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/dpa

„За време на протестите Фејсбук стана популарен во Русија“, вели Андреј Солдатов, уредник на интернет страницата, која ги анализира активностите на руската разузнавачка агенција. „Тогаш тајните служби сфатија дека не знаат како да постапуваат со интернет мрежите чие седиште е во странство“. Дотогаш дебатите се водеа на руските страници како блог-платформата Livejournal.com, што им беше достапна на тајните служби. Затоа мораше да се усвои стратегија како да се постапува со странските понудувачи. Законот за цензура служи пред сѐ како средство за притисок, за странските концерни како Фејсбук и Гугл да се принудат на соработка, смета Солдатов.

Сноуден како изговор за цензура

Организацијата Репортери без граници (РОГ) неодамна ги покани Солдатов и Сидоренко во Берлин за да информираат за развојот на интернетот во Русија. Невладината организација со седиште во Германија неодамна предупреди на уште поголема загрозеност на слободата на медиумите во Русија и земјата ја рангираше на 148. место на листата на земјите за слобода на печатот.

Podiumsdiskussion Sotschi Internet Kontrolle
Алексеј Сидоренко (д.)со раководителот на РОГ Кристијан Мир и Андреј Солдатов (л.)Фотографија: ROG/Franziska Senkel

Притоа, Кремљ минатата година се погрижи и за изненадување, откако му одобри азил за една година на поранешниот соработник на американската тајна служба НСА, Едвард Сноуден. Одлуката на Москва следеше откако Сноуден почна да соопштува детали за масовен надзор на интернетот од страна на американските агенти. И додека тој, не само во Русија, туку и во други држави, е славен како херој, престојот на Едвард Сноуден не придонесе за слобода на интернетот во „новата татковина“ тврди експертот за тајните служби Солдатов. Напротив, политичарите блиски до владата ги искористија откритијата на Сноуден за да бараат уште поголема контрола на интернетот - наводно за да ги штитат податоците на руските граѓани од американските концерни. Сноуден ги инспирирал руските власти да ги актуелизираат своите системи за да станат послични на НСА, предупредува Сидоренко. „Можам само да апелирам до сите европски држави, да го прифатат него (Сноуден, н.з). Секаде би му било подобро отколку во Русија“.