1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија да не шири страв!

3 ноември 2009

Русија ја предупреди ЕУ дека се можни прекини во снабдувањето со гас, поради финансиски проблеми со Украина, соопшти шведското претседателство со ЕУ. Европската комисија го предупреди рускиот премиер да не шири страв.

https://p.dw.com/p/KLnc
Фотографија: AP

Шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд во неделата вечерта водел телефонски разговор со рускиот колега по функција Владимир Путин и дознал дека Украина веројатно нема да може да ги исполни финансиските обврски кон рускиот концерн за гас „Гаспром“, поради што е можно европските корисници на гасот, кој се транспортира низ гасовод преку украинска територија, да се соочат со проблеми.

Снабдувањето со гас за милиони граѓани на ЕУ не смее да се претвори во тема на предизборната кампања во Украина, изјави портпарол на Европската комисија во Брисел. Во Украина по два месеца треба да се одржат претседателски избори, а изјавите на рускиот премиер Путин, дека Украина се наоѓа во тешкотии со плаќање и дека поради тоа е доведено во опасност снабдувањето на Европа со гас преку таа земја, портпарол на ЕК ги окарактеризира како дел од предизборната кампања. Од ЕК порачуваат дека граѓаните на Европа не смеат да трпат поради потенцијален судир меѓу Русија и Украина. На изборите во Украина, имено, треба да се соочат проруските и прозападните сили.

Претседателот на ЕК, Жозе-Мануел Барозо изјави: „Мислам дека не е фер членките на ЕУ да ги чувствуваат последиците од проблемот меѓу Русија и Украина“, рече Барозо и најави соработка со двете земји, што е и општа политика на Европската комисија. Барозо потсети на интензивните контакти со руското и со украинското раководство во минатото и рече дека во интерес на сите е прашањата да се решат на конструктивен начин.

Поради спорот на релација Москва - Киев, претходната зима испораката на руски гас за дел од европските земји беше запрена во период од две недели.

Автор: ЕМФ/ЗЈ/Леговиќ/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска