1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија доби нов претседател

Кристина Бергман7 мај 2008

Точно на пладне по локално време денеска во Кремљ се одржа примопредавањето на власта меѓу досегашниот претседател Владимир Путин и неговиот избран наследник на функцијата Дмитри Медведев.

https://p.dw.com/p/DvB3
Дмитри Медведев и Владимир Путин: ветување за продолжување на соработката!Фотографија: AP

42-годишниот досегашен заменик премиер на Руската Федерација со тоа од денеска ја презема најодговорната функција во големата земја, додека Путин заминува на премиерската.


Точно во 12 часот се отворија големите златни порти на Кремљ за Дмитри Медведев. Следен со аплауз на околу 2000 почесни гости тој мина по црвениот тепих, по кој претходно одеше и неговиот политички ментор Владимир Путин. Путин во кусиот воведен говор нагласи дека ова е прв пат во руската историја претседател на заминување да му ја предава директно функцијата на неговиот ново избран наследник. Тоа е важна етапа во демократскиот развој на земјата.


„Пред осум години кога за прв пат положив заклетва пред Уставот, ветив дека отворено и искрено ќе работам и ќе им служам на народот и на државата. Ветувањето не го прекршив. Иако сега ја предавам функцијата, ќе продолжам да работам за добробитта на Русија, бидејќи тоа го чувствувам како највисока граѓанска должност. Таа должност ќе ја исполнувам целиот живот!“


Политички акценти на новиот Претседател


По ваквите зборови на Путин уследи заклетвата на наследникот Медведев. Со раката на Уставот Дмитри Медевев исто се заколна дека ќе му служи на народот, како и на државата.


За време на интонирањето на државната химна и на Путин и на Медведев им се насолзија очите. А потоа новиот претседател застана на говорницата, од која вети дека ќе стори се’ за натамошниот развој на Русија. Меѓу акцентите се најдоа јакнењето на средната класа, подобрувањето на здравствениот систем, поддршката за земјоделците. При сето тоа многу е важно:


„Мораме во општеството да создадеме вистинска почит кон законот и да го надминеме правниот нихилизам. Тој го попречува модерниот развој. Зрел и важечки правен систем е од најголема важност за економскиот и социјален развој, за поддршка на бизнисот и за борбата против корупцијата“ – порача Дмитри Медведев.


Завет за натамошна соработка со Путин


На крајот од говорот новиот руски претседател му се заблагодари за поддршката на долгогодишниот поддржувач, Путин:


„Драги пријатели, секако разбирате колку длабоки чувства ме обземаат. Свесен сум за големиот товар на одговорост што лежи врз моите плеќи и се надевам на наша натамошна соработка.“


Како симболичен знак дека Медведев и Путин и понатаму тесно ќе соработуваат двајцата во ист чекор минаа пред почесната гарда.