1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија и Еквадор преговараат околу Сноуден

ЖА/дпа/афп29 јуни 2013

Според руските медиуми, една недела по спектакуларното бегство на американскиот екс-службеник на тајните служби, Сноуден, Еквадор, кој го разгледува барањето за азил, преговара со властите во Кремљ за неговата судбина.

https://p.dw.com/p/18yUC
Фотографија: Reuters

Државната телевизија Росија 24 објави дека властите на Еквадор, до кои Едвард Сноуден достави барање за азил, преговараат со Русија околу судбината на 30-годишниот бивш соработник на тајните служби во САД. Еквадорскиот министер за надворешни работи Рикардо Патињо лично се вклучил во разговорите.

Но, Еквадор инсистира - Сноуден мора да биде на територијата на земјата за да може да му биде признат статус на бегалец. Експертите сметаат оти тоа може да биде и еквадорската амбасада во Москва. За таа цел меѓутоа, американскиот државјанин, кој од неделата се наоѓа во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево, треба да премине преку руската граница, а службите на САД го анулираа неговиот пасош. Вашингтон бара од Москва да го израчи „предавникот“, кој стигна преку Хонгконг.

Рускиот политичар Алексеј Пучков случајот Сноуден го нарече - трагичен. Сноуден „како идеалист очигледно сонувал за триумф на демократијата“ по неговото откритие дека американските тајни служби вршат масовно прислушкување и надгледување на телефонските и интернет комуникациите, пишува шефот на Комисијата на Думата за надворешни работи на Твитер.

„Но, животот и САД се посурови од холивудските филмови“, заклучува Пучков.