1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија - пријател и противник

Кристоф Хазелбах/ Александра Трајковска5 декември 2013

Доколку во моментов не беше спорот околу Украина, односите меѓу НАТО и Русија би можеле дури да се означат како хармонични.

https://p.dw.com/p/1ATNQ
Фотографија: Reuters

НАТО ја фали Русија. Во Брисел средба остварија министрите за надворешни работи на НАТО државите и нивниот руски колега Сегреј Лавров. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ги пофали „особено последните преговори за иранската нуклеарна програма“. Тука Русија играше многу важна улога. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен од своја страна го напомена последниот напредок на планот за уништување на сириското хемиско оружје. „Советот НАТО-Русија останува вистинскиот форум за решавање на итни меѓународни проблеми, на пример Сирија и прашањето за сириското хемиско оружје.“ Дали при борбата против тероризмот, трговијата со дрога или пиратеријата, Русија конструктивно соработува со НАТО.

Германскиот министер Вестервеле отиде уште подалеку: „За нас Германците е јасно дека идните безбедносно-политички предизвици во Европа и надвор од неа можат да се надминат само во дијалог со Русија и сосема сигурно не против Русија“. Тој ѝ припаѓа на владата која пред неколку денови ја обвини Русија за притисок врз Украина. Украинскиот претседател Виктор Јанукович краткорочно го откажа потпишувањето на Договорот за асоцијација со Европската унија. ЕУ потоа бурно реагираше дека нема да дозволи руско вето против приближувањето на поранешните советски држави кон ЕУ. Тука во НАТО напротив се слушаат поинакви тонови од министрите.

Лавров ги обвини украинските демонстранти за насилство

Украина за НАТО не е непосредна тема. Имено Украина, под нејзиниот претходен претседател се стремеше кон членство во НАТО, но не и со претседателот Јанукович. Украина учествува во одделни мисии на НАТО, како што е ангажамнот во Авганистан. Сепак министрите за надворешни работи на НАТО земјите во вторникот (03.12.2013) го осудија насилството против демонстрантите во Киев. Русија не беше спомената. Меѓутоа Лавров во средата (04.12.2013) во Брисел тоа го зема за повод за тежок напад врз неговите западни колеги. Тој воопшто не разбира, зошто НАТО воопшто се произнесол по тоа прашање. Тоа пренесува „целосно искривена слика“ за состојбата во Украина. Лавров го оцени насилството кое произлегува од опозицијата како „ексецивно“. Државата има право да презема мерки против агресивни демонстранти. Русија повикува, „никој да не се меша во ситуацијата“. Впрочем работа на украинската влада било да одлучи по прашањето за Договорот за асоцијација и тоа и го сторила.

Ukraine Antiregierungsprotest in Kiew 4. Dezember
Фотографија: Reuters

Криза? Каква криза?

Русија од своја страна повеќепати ја обвини ЕУ дека врши притисок врз Украина, за оваа голема и важна земја да ја придобие на своја страна. Дали Украина чувствува дека е изложена на притисок од Москва или Брисел? Украинскиот амбасадор во НАТО Игор Долгов на ова прашање на ДВ вели: „Украина е земја која се потпира сама на себе, досега сме излегувале на крај со сите интерни проблеми. И како суверена држава не гледаме опција за интервенција од надвор“. Долгов нема проблем ниту со демонстрациите: „Криза? Не гледам криза“. Демонстрантите го сакаат истото што и претседателот Јанукович, имено приближување кон ЕУ. Тој меѓутоа навести дека Украина посакува поголема финансиска поддршка од ЕУ.

Вестервеле се надева на промена во Киев

Германскиот министер за надворешни работи Вестервеле меѓутоа не гледа дека сѐ е загубено. Постоела „голема интерна дискусија“ во Украина. „И тука мора Европа да се погрижи, оти тука станува збор за Европа“. Вестервеле по самитот на НАТО отпатува во Киев на средба на Органзаицијата за безбедност и соработка во Европа. Украина оваа година претседава со ОБСЕ. Вестервеле и неговите колеги се надеваат дека Јанукович сепак ќе го промени мислењето. Холандскиот министер за надворешни работи Франс Тимерманс изјави: „Би ја поздравил одлуката, доколку Украина повоторно размисли за својот став и го потпише Договорот за асоцијација со ЕУ. Бидејќи тоа ќе и биде од корист на ЕУ, а сигурно и на Украина и според мое мислење и на Русија“. Русија меѓутоа на ова досега гледа поинаку.