1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија му искажува почит на Јелцин

Естер Хартбрих / Москва24 април 2007

Поранешниот претседател Борис Јелцин почина вчера на 76-годишна возраст. Се истакнуваат неговите залагања за демократија во Русија, но не му се забораваат ни грешките

https://p.dw.com/p/Adrp
Борис Јелцин и Владимир Путин
Борис Јелцин и Владимир ПутинФотографија: AP

Претседателот на Русија Владимир Путин на веста за смртта на својот претходник, изјави: “Неговата дејност може различно да се оцени. Но, недвосмислено е дека токму во времето во кое Борис Јелцин ја водеше нашата држава, граѓаните го добија најважното – слободата. Тоа е огромната историска заслуга на Борис Јелцин”.

Егор Гајдар, руски премиер во ерата на Јелцин, истакна дека тој успеал да го менаџира распаѓањето на Советскиот сојуз без крвопролевање: “Борис Николачевич стоеше на почетокот на една револуција. Тој спречи граѓанска војна и доброволно ја предаде власта на својот наследник. Не можам да се сетам на такво нешто во историјата”.

Последниот претседател на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов рече дека Јелцин и’ направил големи услуги на земјата, но направил и големи грешки. За многумина руски демократи една од грешките беше војната во Чеченија, која започна во 1994-та година и однесе илјадници животи на војници и цивили.

Иако воспитан во тоталитарниот советски систем, тој сфати колку е важно за Русија да тргне по демократски пат, вели Људмила Алексеева од московскиот Херлсиншки комитет.

Јелцин иницира радикални пазарно-стопански реформи во Русија. На почетокот на 90-тите години беа приватизирани државните претпријатија и концерни за експлоатација на суровини. Некои луѓе ги искористија хаотичните времиња, за смешни пари ги купија претпријатијата за гас и нафта и станаа несфатливо богати. Пресвртот беше радикален, за многу луѓе се влошија животните услови. Но, и тие што не се меѓу добитниците, велат дека тогаш имало големи проблеми, но се одело напред, а сега владее застој.

Иако стана позната неговата наклонетост кон алкохолот, Јелцин беше силна личност, оценуваат луѓе од кругот на неговите поранешни соработници.