1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија на Балкан

13 март 2008

Долго во ушите на Запад изреката „Русите доаѓаат„ звучеше како закана. Се мислеше на многу тенкови што чекаа само на наредба да тргнат во насока кон Запад. До таква наредба не дојде, но постои економски пробив

https://p.dw.com/p/DNKz
Балканските земји како транзит за руската нафта и гас - цевките имаат два крајаФотографија: AP

Меѓутоа, Русите вистина дојдоа во Европа: како клиенти со многу пари, како моќни инвеститори, како силни бизнис – партнери. Посебно засилено тоа се гледа на Балканот каде што руските инвеститори веќе реализираа или планираат големи проекти. Што бара Русија на Балкан?

Забележителни проекти

Најновите стопански активности на Русија на Балкан не можат да се превидат, посебно во енергетскиот сектор. Со Бугарија и Грција е договорена изградба на нафтовод, во Србија нафтената индустрија и беше продадена на руските концерни Газпром, Роснефт и Лукоил, а сите три држави учествуваат во проектот на идниот систем „Јужна струја„ за транзит и испорака на руски гас кон Европската унија. Во меѓувреме и рафинеријата во Босански Брод што се наоѓа во српскиот дел на Босна, му припаѓа на рускиот концерн Нефтегас-ИнКор. Сосема логичен развој, смета Роланд Гец, експерт за Русија од фондацијата за стопанство и политика во Берлин:

„Сосема е нормално држава како Русија да одржува добри односи со земјите од поблиското и подалечното соседство. И воопшто не е случајно тоа што руските инвестиции се насочени кон енергетското подрачје. Зашто енергетските фирми на Русија се во редот на најсилните и можат да инвестираат зашто имаат пари. Тие имаат интерес пред се за нафтоводи за да стигнат до потрошувачите. Факт е дека Балкан ја исполнува функцијата на транзитно подрачје за руската енергија, односно за нафтата и гасот„.

Зборот зависност е несоодветен

Оној што во врска со ова страхува од зависност, не треба да заборави дека посебно во енергетскиот сектор таа е секогаш двострана: оној што ќе изгради нафотвод или гасовод тој е тука и не може едноставно да го премести, подвлекува Гец. Секој нафтовод има два краја:

„Руските фирми многу зависат од европскиот пазар, бидејќи тоа е главниот пазар за нафта и гас, па и кога станува збор за нафтоводите или гасоводите, меѓузависноста е толку голема што воопшто не треба да се користи зборот зависност„.

Ваквиот развој во балканските земји најчесто се толкува на два начина: од една страна се вели дека свежите пари на руските инвеститори се добредојдени и се задоволни што ќе учествуваат во големи зделки во енергетскиот сектор. Од друга страна, расте загриженоста поради можноста од политички притисоци. Веќе сега многу земји од Јужна Европа, како Хрватска, Босна и Херцеговина или Србија во висок степен зависат од руската нафта и гас, со тенденција за натамошно зголемување.

Serbien Russland Gas NIS Jugopetrol Ölrafenerie in Pancevo
Рафинеријата во Панчево: српско руска соработкаФотографија: AP

И веќе сега Русија за најголемиот број земји од регионот е најважниот пазар. Дали набргу ќе се појават и политички барања? Сигурно не, смета Оливер Вик од германскиот одбор за Исток на германското стопанство:

„Секако дека Газпром делумно е во државна сопственост и сигурно станува збор за стратегиско подрачје, што е случај и во многу други земји каде што таквите фирми скоро стопроцентно се во рацете на државата. Разбирливо е затоа, да доаѓа до договарања. Тоа се случува и во други земји како во Франција или Италија каде што таквите фирми се во државни раце. Меѓутоа, не можам да видам дека тука се создаваат несакани сојузи, како што најчесто се сака да се каже„.

Политиката и стопанството одат заедно

Дури и ако таквите договарања меѓу политичките и стопанските центри на моќ не се само руски специјалитет, би било лекомислено да не се земат предвид, смета Зекерија Смајиќ, публицист и политички аналитичар од Сараево. Невидливи структури и недостигот од контролни механизми му овозможуваат на Кремљ дополнителна моќ:

„Политиката и стопанството секогаш одат во иста насока дури и ако колосеците се различни. Ако политички нешто не е по волја, тогаш ниту стопанството не влегува во земјата. Оттаму, политиката диктира дали во некој регион треба да се преземат значителни стопански активности или не„.

Руското присуство на Балкан во прв ред е обид на Москва да им парира на двата други главни актера на глобалната политичка сцена, смета Смаиќ, мислејќи на САД и Европската унија. За сите три Балкан, според неговото мислење, не е само бина за да ги развијат и да ги испробаат сопствените политички и економски концепти:

„Во моментов Русија се обидува да покаже дека Европската унија не може да биде силна без да одржува добри односи со Москва, независно од тоа како формално е дефиниран тој однос„.

Еропската унија не би требало да се спротивставува, смета Оливер Вик. Русија не треба да се посматра како закана, туку како партнер и тоа како економски, така и политички од што сите ќе имаат корист:

„Ниту една земја нема интерес пазарите што се атрактивни на таков начин да бидат уништени, при што би се водела политика што би водела кон бегство на партнерот или губење на пазарот зашто недовербата станала толку голема што се бараат дури и невозможни алтернативи„.

Во меѓувреме сосема е разбирливо што руските милионери ги купуваат најубавите вили и имоти на црногорскиот или хрватскиот брег. Кога веќе се имаат пари, зошто да не се побара и убава летна резиденција. Патем, не само на Балкан. На листата на желбите приоритет имаат и Шпанија, Италија или Франција. Во глобален свет оддалеченоста не игра никаква улога. А, Русите? Тие се веќе тука!