1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија: Од конвертити до терористи

М. Бушуев/Б. Георгиевски17 јануари 2014

Исламистичките терористи во Русија сѐ почесто регрутираат лица од словенско потекло за извршување на убиствени мисии. Експертите проценуваат дека таквиот тренд во иднина ќе расте.

https://p.dw.com/p/1AsW6
Фотографија: Fotolia/Oleg Zabielin

Кој се дигна во воздух на 29 декември 2013 година на станицата во Волгоград? Властите сѐ уште немаат одговор на ова прашање. Но, во медиумите во Русија веќе подолго време кружи приказната дека бомбашот-самоубиец бил од словенско потекло.

„Експлозиите во Волгоград не принудуваат да говориме за проблемот со бомбашите самоубијци кои се Словени“, вели Ахмет Јарликапов од Институтот за етнологија и антропологија во руската Академија на науки. Тој смета дека исламистичките терористи сѐ почесто регрутираат словени и преку нив шират страв низ цела Русија. „Терористите знаат дека луѓето кои имаат не-словенски изглед се строго контролирани насекаде“, вели Јарликапов. За разлика од нив, лицата со словенски корени лесно се провлекуваат низ контролите.

Заострени контроли врз муслиманите

Јарликапов вели дека контролите на лицата со кавкаско потекло се драматично заострени по нападите во Волгоград. Се случува „вистина хистерија“, како во јавноста, така и меѓу надлежните. „Една таква реакција беше контролата на сите руски муслимани во регионот Нижни Новгород. Сите беа испрашани и им беа земени отисоци од прстите“, вели Јарликапов.

Ваквите акции предизвикаа големи дебати на социјалните мрежи. „Луѓето се прашуваат од каде им се на руските власти списоци со руските муслимани. Контролите се удар врз официјалните структури на муслиманите, особено врз нивната духовна структура во Нижни Новгород“. Ваквите акции не придонесуваат за интеграција, туку напротив за отуѓување, вели експертот.

Како реакција на нападите, руските служби почнаа со контроли на сите возови кои доаѓаат од Махачкала, главен град на републиката Дагестан. „На станицата во Москва сите патници во овој воз се контролираат. Но патниците гледаат дека истото не се случува со патниците во другите возови“, вели Јарликапов.

Терористите регрутираат словени

Според проценките на експертите, последниве години е зголемен бројот на напади во кои учествувале лица кои конвертирале во ислам. Еден од најсензационалните напади беше убиството дагестанскиот шеик Саид Афанди Чиркеј и седуммина негови приврзеници во август 2012 година, се потсетува Јекатерина Сокиранскаја, раководителка на руската канцеларија на Меѓународната кризна група. Самоубиствениот напад го изведе Русинката Ала Саприкина, поранешна балерина во рускиот театар во Махачкала.

Најважната причина поради која терористите сѐ почесто регрутираат лица со словенско потекло е што тие лесно се вклопуваат во околината и не паѓаат во очи. „Тие полесно се вклопуваат во масите луѓе, а притоа со нивното учество се зголемува ефектот на страв“, вели Сокиранскаја.

Исламот како протестна религија

Исламскиот научник Раис Сулејманов од рускиот Институт за стратегиски истражувања вели дека лицата кои преминуваат во Ислам, многу почесто стануваат екстремни отколку родените муслимани. Тој проценува дека околу 7 илјади муслимани имаат руско потекло. „Бројот на руските муслимани е мал, но од нив произлегоа повеќе терористи, отколку од околу 5 милиони руски Татари, кои се традиционални муслимани“, вели Сулејманов.

Јарликапов смета дека во меѓувреме во Русија има повеќе од 10 илјади словенски конвертити. За нив, новата вера е еден вид „протестна религија“. Тоа се пред сѐ разочарани Руси, кои се радикализираат со прифаќањето на исламот.

Новинарката Марина Ахмедова, која има напишано повеќе книги за проблемот со терористите-самоубијци, за ДВ вели дека „руските џихадисти“ се продукт на пропагандата на терористите. „Тоа се луѓе кои немаат никаква цел во животот, а терористите им даваат цел“, вели Ахмедова. Дури и добро образовани лица, од добро ситуирани семејства можат да станат терористи- самоубијци. Токму затоа, според неа, причините за радикализацијата на муслиманите не треба да се генерализираат.