1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија: Првата активистка на Гринпис е веќе на слобода

ЕМФ/афп20 ноември 2013

Руските власти денеска ја ослободија од затвор бразилската активистка на Гринпис, Ана Паула Мациел. Таа е прв активист на Гринпис кој е на слобода од уапсените 30-мина.

https://p.dw.com/p/1ALXH
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ана Паула Мациел го напушти затворот! Таа е прва од Арктик 30“, соопшти преку Твитер руската канцеларија на Гринпис. Инаку, руското правосудство денеска (20.11) донесе одлука со кауција да бидат ослободени уште тројца од вкупно 30-та затворени активисти на Гринпис. Меѓу нив е и капетанот на бродот „Арктик Санрајс“, како и една Британка и една Холанѓанка. Тие за својата слобода мора да платат по 45.000 евра. Во текот на претходните два дена, судот во Санкт Петербуг ослободи 12 членови на екипажот. Во понеделникот (18.11), друг суд во овој западноруски град одлучи да му го продолжи притворот за уште три месеци на Австралиецот Колин Расел. Според Гринпис, австралискиот амбасадор во Москва ќе бара објаснување од Министерството за надворешни работи за причините за ваквата одлука.

Активистите на Гринпис со бродот „Арктик Санрајс“ на средината од септември упаднаа на една руска платформа во Арктикот за на тој начин да обрнат внимание на ризиците по животната средина од експлоатацијата на нафта и гас во тој дел од светот. Руските правосудни власти уапсија 28 екологисти и двајца новинари од 18 земји поради, како што беше наведено, „пиратство“. Тие прво беа притворени во Мурманск, а потоа беа префрлени во Санкт Петербург. Апсењето предизвика жестоки протести ширум светот.