1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руската опозиција се пронаоѓа себеси

Уте Шефер/ Симе Недевски27 ноември 2012

Руската опозиција најавува нови, поголеми протести. Во декември се планираат масовни собири на граѓаните, кои се против политичката гарнитура на чело со претседателот Путин. Ќе поминат ли без насилство?

https://p.dw.com/p/16q5g
Фотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/GettyImages

Властите во Кремљ ќе сторат се’ како и досега за да ги задушат тие протести, односно воопшто да го спречат нивното одржување. Но опозицијата нема намера да попушти. Всушност, за да се смени нешто во Русија, не се доволни само протести, туку противниците на режимот би морале да бидат единствени.
Кој го води главниот збор во Русија? Ја имаат ли во земјата најголемата моќ инструментите на власта како војската, полицијата и тајните служби? Кој и да е во прашање, опозицијата не се откажува од залагањата за промени во земјата. Меѓутоа едно е сигурно, борбата за власт која се води во оваа земја, е нерамноправна.

Се повеќе млади меѓу демонстрантите

Во меѓувреме на интернет е создаден т.н. Координациски совет. Проектот го започнаа млади луѓе кои во Русија посакуваат иднина „без Путин“. Изабела Магкоева првпат им се приклучила на протесите во декември минатата година. Во меѓувреме оваа 21 годишна девојка се нашла меѓу лидерите на движењето „Окупирај ја Москва“.
„Подготвуваме револуција!“, кажува Изабела која не може да се помири со аполитичноста на своите родители: „Денес во Русија живеат млади луѓе, значи генерации во кои и јас припаѓам, а нам приказната за Советскиот сојуз не ни е блиска. За разлика од нашите родители, ние не се плашиме. Не сме цинични, веруваме дека во нашата земја можеме да се избориме за промени.“ Со други зборови, опозицијата во Русија во најголема мерка се потпира на припадниците на помладите генерации.

Moskau Protest gegen Putin
Фотографија: picture-alliance/dpa

Недостига јасна програма?

Без оглед на нивната бестрашност, на младите демонстранти им недостасува јасна програма. Недостига и врска меѓу политичките опозициски структури. А тие се разновидни. Од еколошки активисти, преку либерали, до десничари националисти. Сепак се стекнува впечаток дека на поголемиот дел граѓани во Русија им недостига храброст за сериозни промени во земјата. Дури и тогаш кога на опозицијата ќе и појде од рака да организира протести во поголемите градови, видно отсуствува средната класа.
 

Околностите сепак се менуваат

Анастасија Мешерјакова е самохрана мајка на 2 деца. Раководителка е на два добро посетени ресторани во Москва. „Сакам само едно. Би сакала во нашата земја да се почитуваат законите. Кој каква политичка идеологија има, мене не ми е важно. Би требало да постојат правила кои важат за сите, како за власта, така и за граѓаните“, кажува таа. Анастасија верува дека околностите во Русија сепак се менуваат. Се присетува како до пред десетина години поголемиот дел од Русите воопшто не се интересирале за политика. Денес е поинаку. Кога се среќаваат со пријателите граѓаните главно зборуваат за политика!
Меѓутоа, ни руските власти не седат со скрстени раце. Прават се’ за граѓаните како Мешерјакова да се откажат од протестите. Казните за оние кои ќе ги прекршат правилата кои го регулираат собирањето граѓани, во меѓувреме се прошиени. Усвоени се низа нови мерки, како законот со кој невладините организации, кои се потпираат на финансирање од странство, ги нарекуваат „странски агенти“.

Russland Moskau Demonstration Oppositionsführer Festnahme
Алексеј НавалниФотографија: Reuters

Русија е Европа

И покрај тоа, опозицијата е се’ побројна, погласна и поактивна. Алексеј Навални е основач на „Народниот сојуз“. Основачкото собрание на оваа партија е планирано за во декември. Советник на Навални ќе биде Владимир Ашурков, до неодамна еден од водечките менаџери во Алфа-група, еден од најголемите руски финансиски и индустриски концерни. „Идејата е да се создаде партија која ќе биде глас на поголема група граѓани, која сака да се спротистави на авторитетот на корумпираниот режим. Нашата програма е сочинета од две основни начела. Ние Русија ја гледаме како европска земја и ги застапуваме интересите на средната класа“, вели Ашурков.
Истовремено, опозицијата има намера да ги соедини сите противници на Путин, освен комунистите. „Веруваме дека на Русија не и потребен некој посебен пат. Русија е земја во Европа, ние припаѓаме на западната цивилизација- не поврзуваат културата, историјата и религијата. Времето кога Русија ќе и припаѓа на Европа, не е далеку“, вели Ашурков и додава дека „ тоа не мора да доведе до политичко, економско или воено сојузништво, но мораат да се осигураат владеењето на правото, слободата на медиумите и поголемата ефикасност на оваа држава.“