1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рускиот гас повторно ќе протече кон Европа?

Дојче веле и Агенции (нг)9 јануари 2009

По еднодневните преговори во Брисел, ЕУ соопшти дека е постигнат договор со Русија и Украина за надминување на гасната криза. Наскоро може да се очекува рускиот гас повторно да протече кон Европа.

https://p.dw.com/p/GUwn
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Русија прифати ангажирање на набљудувачи од Европската унија кои ќе треба да го контролираат протокот на гас преку украинскиот гасовод. Како што соопшти чешкото претседателство со Унијата, договорот синоќа го постигнале во телефонскиот разговор, рускиот премиер, Владимир Путин, и чешкиот, Мирек Тополанек. Ова значи дека наскоро може да биде нормализирана испораката на гас кон Европа.

Портпаролот на чешкото претстедателство изјави дека деталите за набљудувачката мисија ќе се конкретизираат денеска, а можно е и набљудувачите уште во текот на денот да отпатуваат за Украина. Киев претходно го потпиша договорот со Европската комисија со кој ги повикува независните експерти да дојдат во земјата.

„Не сакаме само да испратиме набљудувачи коишто ќе констатираат дека ситуацијата не се менува. Сакаме да видиме дека работите се менуваат и дека повторно ќе се воспостави испораката на гас“, изјави портпаролот на Европската комисија, Јоханес Лајтенберг.

Неизвесно е кога ќе се нормализира испораката

Првиот човек на рускиот енергетски концерн „Гаспром“, Алексеј Милер, во Брисел, уште претходно најави дека е можен пробив во преговорите. По средбата со претседателот на Европскиот парламент, Ханс Герт Петеринг, Милер изјави: „Со нашите европски партнери се договоривме дека гасот веднаш ќе биде пуштен штом ќе дојдат набљудувачите во Украина.“ Русија претходно го одбиваше договорот, инсистирајќи да испрати и руски експерти коишто би го набљудувале транзитот на гасот преку Украина.

Verhandlungen in Brüssel zum Gasstreit
Првиот човек на „Гаспром“, Алексеј Милер (десно) и претседателот на ЕП, Ханс Герт ПетерингФотографија: AP

Договорот беше постигнат по преговорите кои цел ден се водеа во Брисел, а на кои покрај високи европски претставници учествуваа и првите луѓе на рускиот „Гаспром“ и на украинскиот „Навтогас“.

За сега не е прецизирано кога точно може да се очекува нормализација на испораката на овој енергенс.Рускиот „Гаспром“, поради спорот со Украина, на средината на неделава целосно ја запре испораката на гас преку украинскиот гасовод, од што најмногу се погодени земјите од централна и јужна Европа.

Украина и Русија, се уште немаат постигнато договор околу новата цена на гасот и неисплатениот украински долг кон Москва, што е и причина за спорот.