1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руско-индиските односи на преиспитување

Прија Еселборн / Елизабета Милошевска Фиданоска24 декември 2012

За индискиот премиер Манмохан Синг, Путин е „исклучителен пријател на Индија“. Индиско-руските односи со децении се блиски, но новите глобални предизвици носат нови сојузништва.

https://p.dw.com/p/178Q9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Индија и Русија имаат особено добро партнерство. Рускиот претседател Владимир Путин сака тоа да го надградува. Теми при неговата посета на Њу Делхи денеска (24.12) се иднината на Авганистан, борбата против меѓународниот тероризам и проширувањето на билатералната трговија. Треба да се интензивира и воената соработка. Индија се‘ уште увезува 60 проценти од своето оружје од Русија.

Маргарете Клајн, експерт за Русија во фондацијата „Наука и политика“ во Берлин оценува дека Индија е за Русија еден од најважните партнери во светот: „Мислам дека Индија и‘ е попотребна на Русија отколку обратно. Индија е важна контратежа на влијанието на Кина во регионот, а Русија има уште хај-тек продукти на понуда.“ Дел од нив се и борбените авиони и подморниците, но и нукеларните централи, вели Клајн.

Долгогодишни сојузници

Karte Iran Afghanistan Pakistan Indien China

Темел на денешното привилегирано стратешко партнерство меѓу двете земји е ставен во 1950-тите. Индискиот премиер Нехри во 1955. година го посети поранешниот Советски сојуз. Само неколку месеци подоцна Хрушчов замина за Индија и брзо ги придоби симпатиите на руска страна, зашто рече дека Индија е суверена држава и никој не смее да се меша во спорот што таа го има со Пакистан околу регионот на Кашмир.

Во 1962. година Советскиот сојуз остана неутрален додека се водеше војна околу границата меѓу Индија и Кина. Веројатно затоа Индија во 1965. година го прифати СССР како посредник во војната со Пакистан за да се издејствува прекин на огнот. Во 1971. година повторно дојде до војна, која доведе до независност на Бангладеш од Пакистан. Тогаш СССР застана на страна на Индија - против Пакистан и неговиот најголем сојузник, САД.

Приближување до САД

Сепак, Индија се приближи до САД. Во 2008. година двете земји потпишаа контроверзен нуклеарен договор. Со него Индија, по децении изолација, де факто беше призната како нуклеарна сила и доби пристап до нуклеарна техника и горивни материјали. Притоа, Индија, исто како и Пакистан, го нема потпишано Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Во 2010. година американскиот претседател Барак Обама ја посети Индија и за својот говор во индискиот парламент доби повеќеминутен аплауз. Односите со Индија се обидуваат да ги надградат не само САД, туку и Кина, Франција, Велика Британија и Германија.

Променети односи во светот

Russland Putin Kampfjet Sukhoi
Путин мора да работи на унапредување на трговските односиФотографија: ALEXEY DRUZHININ/AFP/Getty Images

Новинарката Џиоти Малхорта од Њу Делхи има работено како дописник за различни индиски медиуми и самата живееле неколку години во Русија. Таа смета дека Индија, исто како и Русија, е принудена да ја насочи својата надворешна политика кон повеќе партнери. „Светскиот поредок во последните години станува се‘ помултилатерален. Секоја земја мора да ги врендува своите односи со другите земји зависно од ползата што од тоа ја има. Идеолошки мотиви тука не играат улога.“

Токму затоа Русија во изминатите години се приближуваше до Пакистан, што пак беше внимателно следено од индиска страна, нагласува политикологот Маргарете Клајн. „Руската страна не сака односите со Индија да ги замени со исти такви односи со Пакистан“. Тоа, според Клајн, не би било ниту можно: „Приближувањето е поврзано со она што во 2014. година ќе се случува во Авганистан, значи има безбедносно-политички мотиви.“

Трговските односи на вага

Кога сето ова ќе се земе предвид, од најголемо значење за билатералните односи е - каде ќе биде заедничкиот интерес во иднина? Една од можностите е да се зајакнат билатералните односи, вели Џиоти Малхорта. Во 2012. година трговскиот волумен изнесуваше само 15 милијарди американски долари. „Индија и Кина во меѓувреме имаат трговски волумен од над 70 милијарди американски долари, а со САД дури 100 милијарди. Тоа е можеби најслабата точна во руско-индиските односи.“Ако Владимир Путин сака и натаму да има блиски односи со Њу Делхи, тоа така не смее да остане.