1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

rkel in China

3 февруари 2012

Патувањето на германската канцеларка Меркел во Кина се движеше меѓу спасот на еврото, меѓународната безбедност и човековите права. Ова беше посета на која се бранеа вредностите и застапуваа интересите.

https://p.dw.com/p/13wPn

Светот ќе мора да се навикне дека откако Кина доживеа економски подем веќе нема меѓународно прашање кое нема кинеска димензија - било да станува збор за промените на климата, крвавото задушување на протестите во Сирија, или атомските програми на Северна Кореја и Иран. Во меѓувреме, гравитационата сила на кинеското девизно богатство од над три илјади милијарди долари влијае и врз европските берзи.

Барање доверба

Ангела Меркел можеше да тврди колку сака во предвечерјето на патувањето во Кина дека во Пекинг патува како некој кој само ќе бара поддршка по прашањето на еврото. Таа фактички настапи како европска менаџерка за инвестиции. Германската канцеларка постојано трпеливо апелираше за доверба во еврото и опширно го објаснуваше фискалниот пакет договорен на самитот на ЕУ непосредно пред таа да отпатува за Кина. На крајот, сепак, од кинескиот премиер Вен Џиабао доби само непрецизна согласност - ќе се размисли околу учество во европскиот чадор за спас за надминување на должничката криза.

Deutsche Welle Zentrale Programmredaktion Matthias von Hein
Матијас фон Хајн, автор на коментаротФотографија: DW

И покрај тоа, канцеларката може да биде задоволна со својата посета. Се сретна со тројцата највисоки претставници на Кина. Премиерот Вен Џиабао, освен тоа, направи и невообичаен чекор и ја придружуваше Меркел за време на посетата на јужнокинеската метропола Гуангзу. При петтата посета на канцеларката на Кина, ова треба да е знак на особено близок однос на доверба меѓу двајцата премиери и со тоа стабилна основа за германско-кинеските односи.

Цензура во програмата на посетата?

Едно, меѓутоа, мора да и‘ пречи на Ангела Меркел и на сите други на кои им се еднакво важни и интересите и вредностите во германската надворешна политика - нејзините кинески домаќини се погрижија да не се оствари посета на една групација весници во Гуангзу кои се критички настроени кон власта. Освен тоа, спречена е и средба на Меркел со адвокатот за човекови права Мо Шаопинг, кој го застапуваше и носителот на Нобеловата награда за мир, Лиу Сијаобо. Тоа Меркел мора да го смета како „солење памет“ и предизвикување.

Меѓу познавачите на приликите во Кина кружи оценката дека „само едно расне побргу од кинеската економија - самодовербата на кинеското раководство“. Влијанието врз програмата на посета на канцеларката, што може да се оцени како цензура, меѓутоа се чини дека укажува на тоа дека самодовербата стои на многу климави нозе. Колку добро би изгледало ако на светот, при посетата на Меркел на групацијата весници, му станеше јасно колкав простор за движење има новинарството во Кина? Оваа шанса е пропуштена. И колку е мала увереноста на Пекинг во правната држава, ако на Меркел и‘ забранува контакт со познатиот адвокат за човекови права? Ако Кина навистина сака да игра во првата лига на светските сили, не е доволно само да има полни каси. Пекинг мора да покаже и поголема сувереност во односот со оние што мислат поинаку.

Автор на коментарот: Матијас фон Хајн

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски