1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сагата по подобар живот во Европа, завршува неславно

1 март 2010

Македонија е се’ повеќе на удар на земјите од Европската унија поради бранот имигранти по укунувањето на визниот режим. Надлежните апелираат да не се злоупотребува визната либерализација.

https://p.dw.com/p/MEqU

Од тројцата браќа Бурхан, Орахан и Рахим, двјаца деновиве заминаа во Италија. „Ние Ромите не сме доволно образовани за да најдеме некоја работа.“ - „Овој живот е мизерен“, велат таткото и синот, што останаа. Сите заедно, 18 луѓе од 4 семејства живееjа во 50 метри квадратни, во ромската населба кај скопско Маџир маало, во самиот центар на градот, со веце и чешма за замивање во дворот, со чергите испружени на тарабите.

Скопските и дебарските Роми заминуваат кон Италија, додека кумановските и дел од тетовските Албанци со автобуски конвои кон Белгија и Шведска. „Сакам да апелирам до Груевски 250-те милиони евра да ги користи за вработување на луѓето, а не да бидат принудени да се иселуваат, да не гради споменици туку да го помогне карадачкиот крај за економски развој,“ реагира еден млад Албанец кого го испраќаат сопругата и деца. Тој тргна во авантура во правец на Белгија. И него, како и скопските Роми ги превезуваат луѓе блиски на двајца пратеници во македонскиот парламент, пишува македонскиот печат.

Премиерот предупредува дека луѓето се изманипулирани

Stefan Füle und Nikola Gruevski
Премиерот Никола ГруевскиФотографија: Peter Stojanovsk

Лицата кои бараат азил во ЕУ се измамени, предупредува премиерот Никола Груевски. Тие не може да работат легално и ќе бидат вратени во земјата. Премиерот вети дека Владата ќе ги преземе сите неопходни мерки за да го запре овој бран на азиланти.

Македонскиот премиер на 8 март ќе го дочека својот белгиски колега, кој ненадејно доаѓа по бранот Албанци кои бараат азил во Брисел. Министерот за локална самоуправа од владејачката ДУИ Муса Џафери вели дека во Скопје се изненадени од бројноста на емигрирањето, но и барањата за политички азил и наводната дискриминација што ја доживеале во Македонија. Тој укажува дека цели семејства во кумановско продаваат стока, па куќи за да заминат во европските земји. Но, тие не може да добијат азил, а на Македонија и‘ се закануваат мерки на ограничувања од Унијата. Џафери со неговиот лидер Али Ахмети беа политички прогонети, добија азил во Швајцарија, но со конфликтот 2001 година се вратија во Македонија по двецениска емиграција.

Визната либерализација предвидува куси престои

Индикативно е дека сите што организирано заминуваат во земјите на ЕУ бараат политички азил, како шанса да се пролонгира престојот. Овој бран на азиланти по визната либерализација е спротивен на договорите за реадмисија што Македонија ги потпиша со членките на Унијата и претпоставува враќање, преземање на сите македонски државјани кои илегално ќе престојуваат во земјите на ЕУ. „Ние се надеваме дека визната либерализација ќе се користи за предвидените куси престои за бизнис, туриризам или посета на семејствата и дека нема да бидат злоупотребувани правилата на ЕУ за слободно патување во Шенген зоната“, изјави неодмана министерката Горадана Јанкуловска.

Mazedonien Ausweis
Министерката за внатрешни работи Гордана ЈанкуловскаФотографија: DW

МВР сепак се подготвува да ги прими назад сите македонски државјани кои ќе бидат вратени во земјата од европските престолнини, зашто шенгенската виза не овозможува и работна дозвола. Враќањето и преземањето на околу 500-700 азиланти ќе ја чини Македонија најмалку два до три милиони евра, зашто сите трошоци паѓаат на товар врз земјата од каде заминале и влегле во европските престолнини.

Antrag auf Visum
Фотографија: dpa

Строгите европски правила и економската криза ги прават невозможни авантурите за сезонска или илегална работа на Запад, вели универзитетскот професор Славе Ристовски. „Околу 18 насто од македонските државјани се надвор од земјата, а во Европа традиционално економската емиграција е стационирана во Германија, Швајцарија и Италија“, вели демографот Ристовски.

Минатата година во Грција, како сезонски работници, престојувале и работеа над 7000 Македонци. Но, освен со Словенија и Германија, државата нема договори за испраќање на сезонска работна сила. Сега и во Словенија се воведуваат привремени рестикции за прием на сезонци, а другите членки на Унијата не прифаќаат вакви форми на економски и меѓудржавни договори, вели министерот за труд и соцјалана политика Џелал Бајрами.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска