1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД воздржани околу воена интервенција во Сирија

Кристина Бергман/ Жана Ацеска22 март 2013

Повиците за интервенција во Сирија се множат. САД се двоумат, дури и по наводната употреба на хемиско оружје, за што власта и опозицијата во Дамаск меѓусебно се обвинуваат.

https://p.dw.com/p/182XP
Фотографија: Reuters

Американскиот претседател Барак Обама тоа го резимираше во кратка реченица: „Не е едноставно“. Двегодишната војна во Сирија чинеше над 70 илјади човечки животи. Но, наспроти сите меѓународни апели, ембарга и дипломатски иницијативи, сирискиот претседател Башар ал-Асад упорно се одржува на власта. САД досега се воздржуваа од воена интервенција. Дали може сепак да го свртат листот? Во вторникот (19.03.2013) наводно во Сирија дошло до употреба на отровен гас.

Американскиот претседател на прес-конференцијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повтори: „Јасно кажав дека употребата на хемиско оружје во основа би ја променило ситуацијата“.

Но, засега е нејасно дали и кој при ракетен напад во Алепо во вторникот употребил хемиско оружје. Владата и бунтовниците меѓусебно се обвинуваат, ОН вршат истрага на барање на сирискиот претседател. Американскиот претседател пак прво сака да ги сочека фактите пред да донесе одлука: „Планираме темелна истрага за она што се случило“, изјави Обама во четвртокот.

Американскиот амбасадор во Сирија, Роберт Форд, во средата при расправата во Конгресот објасни: „Досега немаме никакви докази кои би ги потврдиле извештаите за употреба на хемиско оружје во вторникот“.

Долгите сенки на Ирачката војна

Одбегнувањето инвазија може да се објасни со поновата историја: „Претседателот Обама е многу воздржан во однос на повторно навлегување со трупи во Блискиот Исток, тоа е последица на војната во Ирак, би можело да се рече-алергија кон ангажман на американските трупи во регионот“, објаснува политикологот Питер Фивер од универзитетот Дјук.

Aleppo Anschlag chemische Waffen
Во Алепо наводно било употребено хемиско оружјеФотографија: Reuters

Тоа е разбирливо, вели тој во интервју за Дојче веле, „но неинтервенцијата во Сирија има слични политички последици како и интервенцијата во Ирак“.

Претседателот Обама се брани од обвинувањата дека САД досега седеле со скрстени раце.

„Ние помогнавме во меѓународната изолација на режимот на Асад, ја поддржуваме и ја признавме опозицијата, вложивме стотици милиони долари хуманитарна помош, а непрекинато соработуваме и со другите земји во регионот во наоѓање политичко преодно решение во Сирија“.

Испраќање оружје или забранета зона за авионски летови?

На Франција и на Велика Британија она што досега се прави не им е доволно. Тие сакаат да ги вооружат бунтовниците и бараат укинување на ЕУ-ембаргото за оружје кон Сирија. Сепак, американската влада се двоуми да се приклучи, зашто стравува од можноста оружјето да стигне во погрешни раце. Џејмс Филипс, експерт за Блиски Исток од конзервативната фондација Херитејџ, предлага давање на оружје само на проверени, неисламски команданти во Сирија. Во интервју за Дојче веле тој образложува: „Важно е да не се влезе со копнени сили во Сирија, во тоа се согласувам со владата“.

Ваквата ситуација не е долго одржлива, во тоа се согласни сите, но што да се преземе? Мартин Ајндик, поранешен заменик-министер за надворешни работи за Блискиот Исток во времето на претседателот Бил Клинтон, на трибина организирана од Центарот за американски прогрес побара воведување зона на забранети летови: „Мораме повторно да ги поместиме тежиштата на моќта, за да го разувериме Асад во убедувањето дека може да опстои, зашто не постои и не му се заканува никаква воена интервенција“.

Ако Асад биде спречен да ги употребува своите авиони против цивилното население, според Ајндик, би била направена решавачка разлика.

Bashar Assad
Башар ал-АсадФотографија: picture alliance / AP Photo

„Политички преод“ - фаворит

И Сенди Бергер, поранешен национален советник за безбедност, се изјасни за засилување на заедничкиот притисок на сојузниците врз режимот на Асад, но без испраќање дополнително оружје во конфликтната зона. Треба да се обезбеди „поддршкка на опозицијата, но да се соработува притоа со умерените сили, за да не дојде до целосен расцеп во Сирија, или контролата да ја преземат џихадистите, што е закана за регионот“.

Сегашната официјална линија ја објасни американскиот амбасадор во Сирија во расправата во Конгресот: „Нашето крајно уверување е дека долгорочно најдобро решение за кризата во Сирија е политички преодно решение, до кое би се стигнало преку преговори“.

Но, што ако сите преговори останат без резултат, ако биде употребено хемиско оружје, какви би биле тогаш заканувачките последици? Одговорот на Форд ја отсликува воздржаноста на американската влада: „Во ваква расправа не би сакал да внесувам никакви хипотези“, рече тој. Значи, САД и натаму се далеку од ангажман на копнени трупи во Сирија.