1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД во војна со зборови со Русија

Ридигер Паулерт11 август 2008

Американскиот претседател, Џорџ Буш, жестоко ја критикува Русија поради конфликтот со Грузија. Примената на насилство е неприфатлива и многу претерана, изјави Буш.

https://p.dw.com/p/EuDA
Портпаролот на Белата куќа, Дана Перино вели дека САД сакаат мирно решение на конфликтот во ГрузијаФотографија: AP

Сега треба да се стори се‘ за Русија да се натера да запре со одмаздничките напади, смета американскиот претседател, Џорџ Буш. Но, американската влада во обидите за смирување на состојбите, исклучува воено учество. Портпаролот на Белата куќа, Дана Перино, изјави: „100 процентно сме концентрирани на мирно решавање на конфликтот.“

Со изјавите на американскиот претседател, Буш, Американците, како што и се очекуваше се ставија сосема недвосмислено на страната на Грузијците, чие што членство во НАТО го посакуват одамна. Во моментов, САД се исправени пред тешкото прашање како да им помогнат на Грузијците, а притоа да не ја повредат премногу Русија, која за Американцие е од големо значење по многу други прашања. Затоа, во ОН во Њујорк, синоќа се водеше војна на зборови. Амбасадорите на двете земји таму се караа околу тоа - дали рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров во телефонскиот разговор што го водеше со американската колешка, Кондолиза Рајс, побарал оставка на грузискиот претседател Сакашвили или не.

Грузиските војници од Ирак се враќаат дома

Појасен сигнал САД испратија на друго место. По молба на Грузија, тие почнаа со транспорт на две илјади грузиски војници, кои од Ирак се враќаат во Грузија.

Во меѓувреме, конфликтот во Грузија станува и предизборна тема во САД. Веројатниот кандидат на демократите, Барак Обама,го прекина еднонеделниот одмор за да даде куса изјава: „Важно е сите страни да се повлечат и да се стави крај на вооружениот конфликт.“

Помалку дипломатски се изјасни кандидатот на републиканците, Џон Меккејн, кој и во минатото постојано беше критички настроен кон рускиот претседател, Путин. Тој од Русија побара: „Русија треба веднаш и безусловно да стави крај на своите воени акции и да ги повлече сите свои трупи.“