1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД е најголем предизвик за Русија

6 јули 2009

Русија неодамна ја претстави својата нова безбедносна доктрина. Надворешната политика, според неа, не игра толку голема улога. За Кремљ остануваат меѓутоа непријателските слики за САД и НАТО.

https://p.dw.com/p/IhtN
Фотографија: AP/DW

Русија ги совлада последиците на системски условената криза во политиката и во економијата, која влече корени од крајот на 20-иот век, овие самоуверени зборови стојат во самиот вовед на новата руска безбедносна доктрина, која во средината на мај ја благослови рускиот претседател Дмитри Медведев. Документот содржи 116 тези и до 2020 година треба да биде идеја водилка за руската внатрешна и надворешна политика. Заменикот директор на рускиот совет за надворешна и одбранбена политика, Дмитриј Суслов вели: „Најважните задачи и истовремено најголемите опасности за Русија се наоѓаат во нашите граници. Затоа, потребно е модернизирање на земјата, изградба на поефикасен систем на управување со државата, борба против корупцијата и така натаму“.

Прв пат во поновата историја, националната безбедност на Русија не се дефинира исклучиво преку надворешната опасност и сопствените одбранбени способности. Тоа е логично, вели добриот познавач на Русија од Германското друштво за надворешна политика, Александар Рар: „Во Русија сега на прво место се внатрешнополитичките предизвици. Тоа е нормално, затоа што односите со Запад по доаѓањето на американскиот претседател Барак Обама во последните недели и месеци се многу подобрени“.

Енергетската сигурност - дел од безбедносната доктрина

Руската национална безбедност во новата доктрина се дефинира пред се‘ во економски и социјални категории, а како релевантни показатели се наведуваат стопанскиот раст, здравството, науката, образованието, културата и квалитетот на животот. Русија има амбициозна среднорочна цел - заземање челна позиција во светот за тие, за сега прилично проблематични области. Како закана за националната сигурност се наведуваат стапката на невработеност, растечкиот социјален јаз, намалувањето на бројот на населението и инфлацијата.

Russland Land und Leute Kohlenmine Keremewo
Енергетските резерви треба да ја направат Русија светска супер силаФотографија: RIA Novosti

Новата доктрина сериозно се занимава и со темата на енергетската сигурност. Москва очекува заострување на меѓународната борба за енергенси во Баренцовото Море, на подрачјето на Антарктикот, во Каспискиот базен и во централна Азија. Русија не исклучува ниту можност од насилство во борбата за енергетски ресурси. Сопствените енергетски резерви Москва ги нарекува „средство кое треба да и‘ помогне на Русија во остварувањето на крајната цел“, а тоа е повторно позицијата на светска супер сила.

Кого Москва го смета за непријател?

Во анализата на класичните безбедносно политички и надворешнополитички теми се‘ останува по старо. Иако не се наведуваат имиња, како закана се споменуваат САД и НАТО. Ќе биде интересно што ќе речат на оваа тема претседателите на Русија и на САД во Москва.

Русија со жалење забележува и „непостоење силна меѓународна безбедносна архитектура и желба на некои сили за воена надмоќ. Под тоа не се подразбира модернизација на атомските арсенали, туку развој на модерните воени средства, стратешкото неатомско вооружување и „едностраниот глобален антиракетен систем, со што индиректно се критикува американскиот антиракетен штит во Источна Европа. Листата јасно покажува кого Москва го смета за најголем непријател: САД. Кина на пример никаде не се споменува.

Интересно е дека НАТО во една реченица е наречен „стратешки партнер во одржување на меѓународната сигурност“ и „најважна закана на руската безбедност“. Дмитриј Суслов вели: „НАТО е голем предизвик за Русија. Се работи за партнер со кој Москва соработува во решвањето на важни прашања од безбедноста, важни и за руската сигурност, на пример во Авганистан. Но, НАТО е и темел на евроатлантската безбедносна архитектура, без оглед дали тоа и‘ оговара на Русија или не“.

„Медведев сака да покаже дека владее со ситуацијата“

Russland Dmitri Medwedew Pressekonferenz in Moskau
Медведев мора да се позиционира на надворешно политички планФотографија: AP

Слично може да се рече и за САД. Русија сака да се натпреварува со Американците. Иако во САД гледа „главен извор на опасност“, Русија сака со Америка да изгради рамноправно стратешко партнерство и соработка во борбата против тероризмот.

Александар Рар резимира за руската безбедносна доктрина: „Мислам дека се работи за преоден документ. Медведев мора да се позиционира на надворешнополитички план, сака да покаже дека владее со ситуацијата, дека Русија денес нема непријатели и дека располага со доволно опции за спроведување модернизација во земјата, без пречки однадвор“.

Автор: Никита Јолкфер / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска