1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

260409 Klimawandel USA

27 април 2009

Американскиот претседател Барак Обама има намера да ја зајакне позицијата на САД во борбата за заштита на климата. Обама покани претставници на 16 водечки економски земји на „Форум за енергија и климата“.

https://p.dw.com/p/Hf3R
Промената на климата станува тема и во САДФотографија: AP

Додека за поранешниот американски претседател, Џорџ Буш зборовите „промена на климата“ беа непознати, новиот претседател Барак Обама најавува драстична промена на курсот, и тоа уште на стартот на неговиот мандат. Ариан Јунгјохан, експерт за животна средина од фондацијата Хајнрих Бел во Вашингтон, вели:

„Обама имаше извонреден старт, во што многумина не веруваа. Го стори токму тоа што можеше да го направи во првите сто денови: на пример во владата повика компетентни личности, даде зелено светло за оние сојузни држави кои можат да воведат поамбициозни стандарди отколку што тие важат на сојузно ниво.“

Проверки на одредбите

Американскиот претседател им издаде и службена наредба на властите одговорни за животната средина уште еднаш да ја проверат забраната, која предвидуваше секоја сојузна држава да не смее да воведе граници за највисоките вредности на издувните гасови на автомобилите. Администрацијата на екс-претседателот Буш, во прва линија, ги закочи инцијативите на гувернерот на Калифорнија, Арнолд Шварценегер да воведе построги гранични вредности од оние кои досега ги пропишуваше Вашингтон. Укинувањето на забраната од страна на Обама е драстичен чекор, смета експертот за животна средина, Јунгјохан:

„Непосредно по изборот, Обама сигнализираше дека Калифорнија ќе добие одобрување да воведе построги стандарди. Во моментов, покрај Калифорнија, уште 12 други држави ќе го следат тој пример. Ова значи половина од американскиот автомобилски пазар, односно сите произведувачи ќе мора да се престројат, дека наскоро ќе следува и ново регулирање за целата држава.“

USA Bildgalerie 100 Tage Barack Obama Wirtschaft
Барак Обама: нови чекори за екологијатаФотографија: AP

Излез од затворениот круг

Производството на автомобили со мала потрошувачка е еден од најважните чекори за САД да излезе од ѓаволовиот круг на зависност од нафтата од странство, смета Обама. Со вакви патриотски тонови претседателот сака да им се приближи на тврдокорните критичари на неговата климатска политика. Негови волшебни зборови се енергетска независност и нови работни места. Со нив сака да ги воодушеви Американците за „зелената“ цел што ја има - напуштање на фосилните горива и премин кон обновливите енергии:

„Од мојот буџет годишно се издвојуваат 15 милијарди долари за инвестиции во обновливите енергии, како соларната и енергијата на ветрот, геотермика и чисти технологии за јаглен.“

Целта на Обама е да се удвои користењето на регенеративни енергии во наредните три години и, во рамките на тој процес, да се отворат 460.000 работни места. Во моментов, нецели 3 проценти од струјата што се користи во Америка доаѓа од алтернативни енергии. Снадувањето со енергија и натаму се темели врз нафтата, јагленот и гасот. Сепак, САД мината година ја надминаа Германија во користењето на енергијата на ветрот, додека сончевата држава Калифорнија се залага да биде предводник во користењето на сончевата енергија. Пример, кој радо го истакнува и претседателот Обама:

„Ако може Калифорнија, можеме и ние“, ги мотивира претседателот своите сограѓани кои во светски рамки, сепак се најголемите производители на јаглерод диоксид.

Тимот на Обама за екологија деновиве лобира и за донесување закон во Конгресот, постапка која за време на претходниот претседател Џорџ Буш беше незамислива, вели експертот Јунгјохан од фондацијата Хајнрих Бел.



Автор: Антје Пасенхајм/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска