1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и ЕУ "два чекора" поблиску

1 мај 2007

Германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Џорџ Буш ја истакнаа борбата против промените на климата како централен предизвик.

https://p.dw.com/p/AbxR
Меркел, Буш и Барозо по самитот во Вашингтон
Меркел, Буш и Барозо по самитот во ВашингтонФотографија: AP

На самитот ЕУ – САД во Вашингтон тие се сложија дека индустриските нации мораат да најдат заеднички пристап по ова прашање. Кристина Бергман испрати извештај за темите што доминираа на вчерашната средба.

Документот за климата и енергетската политика не содржи никакви обврзувачки цели. Но, канцеларката Ангела Меркел и шефот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, кои ја застапуваа ЕУ, оценија дека ова е важен чекор напред поради тоа што САД воопшто изразија готовност на соработка. Обете страни се договорија да работат на создавање нови биолошки горива, како и термо- централи што не испуштаат јаглерод диоксид.

“Пронајдовме голем број заеднички елементи, еден од нив беше обврската на САД до 2020-та да создадат 20 видови биолошки горива. За нив ќе развиеме заеднички стандарди и заеднички пазар“ - појасни Ангела Меркел.

На средбата беше постигната согласност (исто така без обврзувачки елементи) за унапредување на меѓусебната трговска размена. Доколку ЕУ и САД се договорат за усогласување на нормите и стандардите, тогаш крајните потрошувачи ќе добијат поефтини производи од автомобилската индустрија па се‘ до фармацевтските концерни. Составен дел на спогодбата е да се формира трансатлантски економски совет, во кој од европска страна ќе седи евро-комесарот за индустриски прашања Гинтер Ферхојген. Обете страни во Вашингтон нагласија дека овие спогодби не се насочени против другите во меѓународната трговска размена.

Важна, иако неофицијална тема на самитот ЕУ – САД беше анти-ракетниот штит на Американците и острите реакции од Русија врз најавите за инсталирање делови од системот во Источна Европа. Домаќинот Џорџ Буш нагласи дека ја прифатил сугестијата на германската канцеларка да разговара со руската страна:

“Наша намера е да им кажеме на Русите да размислат за учество во системот. Тоа е и во нивен интерес, доколку ваков систем го спречи иранскиот режим да истрела ракети кон земјите од Западот.“

Конечно Меркел и Буш нагласија дека ќе бараат заеднички решенија за кризните жаришта како Косово, Авганистан, Ирак, Блискиот исток и Дарфур.